Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, одржа прес конференција заедно со високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и со комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, во врска со разговараното на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, што се одржа денеска во Скопје.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот на прес конференцијата:
Почитуван висок претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел,
Почитуван комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, претставници на земјите членки на Европската Унија и од европските институции присутни во Скопје, претставници на Владата,
Почитувани медиуми и почитувани граѓани,
Чест ми е што денеска сум домаќин на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Република Северна Македонија, кој што за прв пат се одржува во нашата земја, со што има и историска димензија.
Денешниот состанок се случува откако лани, во јули, ги отворивме преговорите со Унијата, по долги 17 години од добиениот кандидатски статус.
Денес, со европските партнери имавме можност да направиме пресек на состојбите, да го утврдиме направениот прогрес на земјата како и спроведените реформи, во подготовката за нашето членство во Унијата.
Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од Европската Унија, со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции, за динамичен преговарачки процес и за полноправно членство во Европската Унија.
На состанокот е поздравен нашиот силен фокус кон реформите и усогласувањето на законите и праксите со европските стандарди.
Поздравени се и политиките на добрососедство, што ги водиме преку зрел и одговорен пристап, базиран на меѓусебно почитување и дијалог, со отфрлување на популизмот како штетен на овие искрени намери и провоциран од трети страни кои немаат добри намери, за европерспективите на Западен Балкан.
Република Северна Македонија практикува европски вредности и немаме сомнеж дека одиме по исправниот европски пат.
Работата на Владата е поставена на линија на европската агенда и колку и да звучи амбициозно, јас и сите ние во Владата, веруваме дека Република Северна Македонија во моментов има политички капацитети коишто можат да придонесат, по успешно завршениот скрининг процес во ноември, со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и до 2030 година да станеме членка на ЕУ.
Имаме уверување од Европската Унија дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија.
Во делот на реформите, Владата е подготвена да работи заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото.
Во ЕУ, како и за земјите претенденти за членство, како и за нас клучни се поглавјата 23 (Судство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност).
На состанокот се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план, што е очекување и потреба пред сѐ на граѓаните на нашата држава.
Република Северна Македонија направи јасен стратешки избор кога се постави целосно и недвосмислено на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е оценето како посебно важно во новиот геополитички контекст и војната на европскиот континент поради руската воена агресија на Украина. А високо се цени и нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година, со што Северна Македонија активно придонесува во мирот и стабилноста во предизвикувачкиот глобален контекст.
Потврда за тоа е што утре преговорите меѓу Србија и Косово ќе се одвиваат токму во нашата држава.
Советот за Стабилизација и асоцијација го поздрави склучениот Договор со ФРОНТЕНКС, што сакам да потсетам дека е прв договор потпишан на македонски јазик и сите други јазици на ЕУ помеѓу Северна Македонија и Унијата.
Заедно со земјите членки на ЕУ ќе учествуваме во оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во Северна Македонија и ова е само еден пример што значи почетокот на преговорите со ЕУ, а што донесе исто така и европска финансиска поддршка за нашата држава, во услови на глобалната криза, во висина од 80 милиони евра неповратни финансиски средства, 100 милиони евра макрофинансиска помош со поволна каматна стапка како и над 50 милиони евра помош за инвестиции во инфраструктурата.
Изразуваме задоволство од интересот на Европската Унија за задржување на фокусот кон регионот и неговата европска перспектива и го почитуваме препознавањето на Северна Македонија како фактор на стабилноста, безбедноста и евроатлантските перспективи на целиот Западен Балкан, што е од стратешко значење и за цела Европа.
Владата на Северна Македонија и јас лично, во наредниот период ќе вложиме максимални напори за успешна реализација на сите потребни активности, со цел натамошно динамизирање на нашиот пристапен процес во Европската Унија.
Ви благодарам, сакам да се заблагодарам и на потпретседателот Борел и на комесарот Вархеји и на целата нивна делегација, што имавме успешен состанок денес во Скопје.“