Премиерот Ковачевски, по завршувањето на средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, како и по билатералните средби со премиерот Курти и претседателот Вучиќ, во изјава за медиумите, посочи дека е огромна чест и задоволство тоа што Република Северна Македонија е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој го водат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, а под покровителство на Европската Унија, и со поддршка и на Соединетите Американски Држави.
Премиерот Ковачевски истакна дека на одделните билатерални средби со претседателот Вучиќ и со премиерот Курти лично ја укажал важноста која како земја сосед на Србија и на Косово, ја посветува Северна Македонија на овој состанок, посакувајќи успех во дијалогот, потенцирал дека цврсто верува дека дијалогот е неопходен и единствен пат до решение во демократскиот свет во 21-от век.
„Местото на Западен Балкан е во Европската унија, географски, историски, политички или цивилизациски. Особено во услови на геополтички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на европскиот континент, ова е важно да се нагласи повеќе од било кога досега. Сите се залагаме за подобра иднина за целиот Западен Балкан, каде конфликтите и несогласувањата ќе останат во минатото.
Затоа, сакам јасно да порачам дека ние сме политичари кои носат тешки, но државнички одлуки. Никому не му е лесно во вакви ситуации, бидејќи дијалогот, значи и отстапки, но знаеме дека тие тешки одлуки се за подобра иднина на сегашните и идните генерации. Сигурен сум дека времето ќе покаже дека сме земја која секогаш била на вистинската страна на историјата, мирољубива, со добра мисла и грижа за нас, за соседите, за доброто на сите, а ќе продолжиме по истиот пат.“ истакна премиерот Ковачевски во обраќањето.
Ковачевски во Охрид: Тешките и државнички одлуки се оние кои носат прогрес за земјите и за регионот, Западниот Балкан припаѓа во ЕУ
Премиерот Ковачевски, по завршувањето на средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, како и по билатералните средби со премиерот Курти и претседателот Вучиќ, во изјава за медиумите, посочи дека е огромна чест и задоволство тоа што Република Северна Македонија е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој го водат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, а под покровителство на Европската Унија, и со поддршка и на Соединетите Американски Држави.
Во продолжение, Ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во целост:
„Чест и задоволство ми е што, овде во Охрид, Република Северна Македонија е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој го водат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти. Дијалогот кој е во тек во моментов, како што знаете, е под покровителство на Европската Унија, а со поддршка и на Соединетите Американски Држави.
Утрово, на мое барање, одржав одделни билатерални средби со претседателот Вучиќ и со премиерот Курти. Сакав лично да им укажам на важноста која како земја сосед на Србија и на Косово, ја посветуваме на овој состанок и да им посакам успех во дијалогот, бидејќи цврсто верувам дека е неопходен и единствен пат до решение во демократскиот свет во 21-от век. Дијалогот е единствената алатка за консолидација на регионот и за европската интеграција на двете земји.
Отворен дијалог, со кој се решаваат отворените прашања од различни аспекти, е од огромна важност и за регионалната стабилност, одржувањето на мирот и патот кој води кон просперитетна иднина, не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион.
Предлогот на ЕУ, да ги нормализира односите на Србија и Косово и да придонесе кон севкупната стабилност. Лично ги охрабрувам страните да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден.
Тука сакам да изразам и благодарност до Соединетите Американски Држави, за нивната континуирана поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Сакам да потенцирам дека Република Северна Македонија не случајно е избрана како земја домаќин на овој дијалог. Северна Македонија денес е препознаена како почитуван партнер на меѓународната заедница и фактор на стабилност во регионот. Договорите кои ги потпишавме: Охридскиот, Преспанскиот како и Договорот за добрососедство, се потврда за нашиот европски дух, за затворање на прашања со кои го трасираме патот на иден развој на земјата. Владата, предводена од мене и СДСМ, спроведува политики на решавање, а не политики на создавање проблеми.
Земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива. Токму затоа сега е вистински момент, да се забрза евроинтегративниот процес, кој е важен за сите земји од Западниот Балкан. Нашата земја со поддршка на ЕУ, постигна историски исчекор кој го трасира патот кон европските и евроатлантските интеграции.
Станавме членка на НАТО, а во јули минатата година ја одржавме првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел.
Во тек е и билатералниот скрининг, којшто се одвива исклучително успешно, што е констатација на ЕУ, а не само наша. Да потсетам дека ветувањето на претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен, договорот меѓу ФРОНТЕКС и Северна Македонија да биде потпишан на македонски јазик, се исполни и истиот беше потпишан во октомври минатата година. Со тоа македонскиот јазик и македонскиот идентитет се целосно заштитени и се дел од европското семејство каде ќе бидат вреднувани и ќе се развиваат. Истовремено ЕУ го одржа своето дадено ветување
Денес, Република Северна Македонија е високопочитуван партнер на меѓународната заедница. Во годината кога одбележуваме 30 години од нашето членство во Организацијата на Обединетите нации, ние сме и земја претседавач со најголемата регионална организација - ОБСЕ.
Покажавме и докажавме дека сме земја која гради пријателства и сме пример за добрососедство. Силно веруваме во дијалогот како цивилизирана форма на комуникација, како единствен пат кој води кон напредок и развој. Нашата стратешка цел е влез во Европската унија, заедно со сите соседи.
Почитувани медиуми,
Местото на Западен Балкан е во Европската унија, географски, историски, политички или цивилизациски. Особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на европскиот континент, ова е важно да се нагласи повеќе од кога било досега. Сите се залагаме за подобра иднина за целиот Западен Балкан, каде конфликтите и несогласувањата ќе останат во минатото.
Затоа, сакам јасно да порачам дека ние сме политичари кои носат тешки, но државнички одлуки. Никому не му е лесно во вакви ситуации, бидејќи дијалогот, значи и отстапки, но знаеме дека тие тешки одлуки се за подобра иднина на сегашните и идните генерации. Сигурен сум дека времето ќе покаже дека сме земја која секогаш била на вистинската страна на историјата, мирољубива, со добра мисла и грижа за нас, за соседите, за доброто на сите, а и во иднина ќе продолжиме по истиот пат.
Мојата визија е да го видам Западен Балкан, развиен, модерен, интегриран во ЕУ.
Тоа е наш приоритет, за тоа работиме и кон тоа се стремиме. Нашите граѓани да живеат дома, граѓаните на сите наши држави на Западен Балкан да живеат дома со подобар стандард и квалитет на живот. А напредокот кон европската интеграција на државите од Западен Балкан е и цел на Берлинскиот процес и на иницијативата Отворен Балкан. Ќе продолжиме да ги градиме регионалните иницијативи за развој на економијата и на стопанството, како и мобилност на граѓаните.
Јас како човек кој сака да го види регионот целосно интегриран во европската унија, сум целосно посветен и ќе направам се што е во моја моќ да дадам поддршка на овој процес и во мај ќе одам и на состаноците во Њујорк и Вашингтон со истата оваа цел, со цел унапредување на добрососедските односи на Балканот и напредување на целиот регион во НАТО и ЕУ.
Уште еднаш посакувам успешни разговори и како добри домаќини, даваме гласна и јасна поддршка на дијалогот и на решавањето на сите предизвици преку дијалог и договор“.