Средба Османи – Бербок: Ве очекуваме заедно да седиме на масата на ЕУ

Сојузната министерка за надворешни работи на Германија Аналена Бербок, денес, престојуваше во официјална посета на Република Северна Македонија, на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Разговорите меѓу двајцата министри се фокусираа на пристапниот процес на државата во ЕУ, при што Османи се осврна на засиленото спроведувањето на ЕУ агендата како влог во европската иднина на државата.

„Германија, продолжува да биде еден од најсилните промотори на европската интеграција на Регионот, и во тој контекст, би сакал да се заблагодарам за силната и континуирана поддршка која ја добива и нашата земја. Северна Македонија е на важен историски крстопат. Да ја земе судбината во свои раце и одлучно да зачекори кон полноправно членство при што 2030 година е амбициозна, но остварлива цел, или да влезе во повторно внатрешно преиспитување и застој. Реалната перспектива за уживање во четирите слободи – за стоки, капитал, услуги и работна сила – уште во текот на преговорите треба да ги мобилизира сите делови на општеството и да доведе до нова економска динамика“, истакна Османи.

Воедно упати благодарност за улогата на Германија за заживување на Берлинскиот процес како основна и сеопфатна регионална соработка на највисоко ниво и како иницијатор на акционите планови за Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и Зелената агенда.

„Северна Македонија ја препознава важноста на процесот на преговори со Европската Унија и за таа цел ќе го вложи својот политички и административен капацитет во насока на спроведувањето на европската агенда. Воедно, како доверлив партнер на ЕУ и дел од меѓународната заедница на вредности и принципи, во меѓувреме, очекуваме повеќе практични придобивки и опипливи резултати кои произлегуваат од процесот на пристапување“, подвлече Османи.

Министерот Османи изрази задоволство од високата трговска размена со Сојузна Република Германија, која минатата година достигна пет милијарди евра и со галопирачки чекор продолжува и оваа година, што претставува јасен показател за посветеноста на две пријателски држави кои изминатите три децении, активно работат на зајакнување на меѓусебните односи и развивање на широка секторска соработка.

Германската министерка Бербок ја потврди поддршката од Германија за европската интеграција на Северна Македонија и изрази задоволство од подготвеноста на Владата на Северна Македонија да се справи со сериозни предизвици како уставните измени кои се од огромна важност за да продолжи преговарачкиот процес со цел членство на Северна Македонија во Европската Унија. 

Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи ја информираше соговорничката за актуелностите во однос на претседавањето со ОБСЕ низ призмата на утврдените приоритети, во кои Украина останува наш главен приоритет и клучно безбедносно прашање во рамки на ОБСЕ 2023. Беше нотирана нашата активна улога и придонес во одржувањето стабилност и мир во регионот, со акцент на претседавањето со САД-Јадранската повелба (А5) , како и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).