Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја посети општина Чучер Сандево, каде e завршен инфраструктурен проект од ТАВ програмата.
„Во оваа општина се работеше на реконструкција со асфалтирање на улица со должина од 2 километри, улица ги поврзува селата Мирковци и Бањани, односно поврзува 2 илјади наши сограѓани од овие села, или близу 10.000 сограѓани од целиот овој регион, кои секојдневно ја користат.
Токму ова се придобивките од инфраструктурните проекти на ТАВ програмата, локални инфраструктурни проекти, низ сите општини, низ цела држава кои го подобруваат квалитетот на живот на сите наши граѓани“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот информираше дека веќе се реализирани 70% од започнатите проекти од ТАВ програмата, а сите ќе бидат завршени во предвидениот рок до крај на оваа, 2023 година.
„Со добро планирање и работа, се може! Градиме водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, инфраструктурни проекти кои се значајни за сограѓаните кои живеат во овие општини.
Ја јакнеме локалната инфраструктура, задоволен сум кога ја гледам динамиката на реализација на проектите, тоа значи дека моите сограѓани добиваат и квалитет и навременост“, изјави Битиќи.
Градоначалникот на општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ упати благодарност до Владата на Република Северна Македонија и на вицепремиерот за изградбата на патот во должина а од два километри кој ги поврзува селата Мирковци и Бањани.
„Пред да се изгради овој пат во овој дел имавме само неколку куќи, а сега имаме десетина градби и 14 барања за градби кои ги работи општинската администрација на Чучер Сандево. Голема благодарност до Владата на Република Северна Македонија која ни помага во вакви проекти кои ја подобруваат инфраструктурата во Чучер Сандево. Верувам и во идна координација преку која ќе ја подобриме општата слика на Чучер Сандево“, изјави Комненовиќ.