Телефонски разговор Ковачевски - Шоле: Република Северна Македонија кредибилен партнер на ЕУ и САД и пример за успешно решавање на отворени прашања

На барање на советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари телефонски разговор со Шоле. На разговорот присуствуваа и заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и амбасадорката на САД во земјава, Анџела П. Агелер.

Високиот претставник на Стејт департментот, Шоле се заблагодари за покажаното лидерство на Република Северна Македонија и на премиерот Ковачевски како домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој, под покровителство на Европската Унија и со поддршка на САД се одржа на 18 март во Охрид.

Организирањето на овој настан, како што нагласи Шоле во телефонскиот разговор, е препознавање на кредибилноста на Република Северна Македонија како партнер на ЕУ и САД, како и пример за успешно решавање на отворените прашања.
 
Премиерот Ковачевски и советникот Шоле, разговараа за повеќе актуелни прашања, со фокус на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, пришто беше потврдена континуираната поддршка од САД за заложбите на државата за исполнување на критериумите за влез во ЕУ, како и обезбедување стабилност, просперитет и економски развој на тој пат.

Во таа насока, премиерот Ковачевски се заблагодари на САД за поддршката и охрабрувањето на сите политички партии во Собранието да работат заедно во конструктивна атмосфера, градејќи меѓупартиски консензус, фокусирајќи се на конкретни чекори во преговарачкиот евроинтеграциски процес.  

Премиерот Ковачевски потенцираше дека Република Северна Македонија и понатаму ќе биде фактор на стабилност во регионот, преку практикување на политиките на дијалог и негување на добрососедските односи. Взаемно беше констатирано дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ и земјите треба посветено да работат во насока на забрзување на евроинтеграциските процеси преку носење на мудри и одговорни одлуки.

Премиерот изрази увереност дека во претстојниот период ќе се зајакне соработката со САД во изнаоѓање системски решенија за справување со корупцијата на секое ниво, вклучувајќи ја и високата корупција.