Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска се обрати на настанот во чест на 3-годишнината од приемот на Република Северна Македонија во НАТО, укажувајќи членство во НАТО е потврда и признание на нашите долгорочни државни напори и сеопфатните реформи, кои денес треба да се силен поттик за продолжување на патот до членство во ЕУ.
„Членство во НАТО е потврда и признание на нашите долгорочни државни напори и сеопфатните реформи. Ова е наш заеднички успех на кој сме горди и кој сега треба да ни биде поттик за следниот предизвик, а тоа е продолжување на процесот на преговори со ЕУ. Денес сме држава членка на НАТО и стоиме уште поодговорно пред иднината и европската перспектива на државата“, рече Маричиќ пред амбасадорите.
Вицепремиерот истакна дека „исполнивме еден од најважните надворешнополитички приоритети на Северна Македонија и трајно го обезбедивме нејзиното место во евроатлантското семејство на држави“ и дека сега е потребно да се фокусираме на обврските кои се пред нас на европскиот пат.
„Славиме три години безбедност, стабилност, сигурност и размислуваме за следните сериозни задачи и обврски кои се пред нас. Руската воена агресија врз Украина покажа дека колку и да звучеше пред пет години промената на Уставот апсурдна, денес гледаме колку е важно за нас членството во НАТО“, кажа Маричиќ.
Маричиќ додаде дека целото македонско општество денес е дел од НАТО, не е само Владата или која било партија и дека членството е успех на цела Северна Македонија, на секој граѓанин, на сите оние кои сакаат европска, демократска и просперитетна Северна Македонија.
„Убеден сум дека со одговорниот однос кој го имаме кон реформите во пристапните преговори со ЕУ и успешните уставни измени ќе успееме во достигнување на целта, Северна Македонија до 2030 да биде успешна европска приказна“, изјави Маричиќ.
Традиционалниот НАТО појадок со амбасадорите на земји членки на НАТО, се организира во чест на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и почетокот на Деновите на НАТО. Настанот кој се одржа во Клубот на пратеници беше организиран од Министерството за надворешни работи. Свое обраќање имаше премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Османи, како и украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир.