Владата ќе ги поддржи вработувањата и очекува кредитен раст

Владата интензивно размислува и презема мерки за поддршка на вработувањето. Во изминатиот период преку многуте антикризни мерки, реформските чекори и модернизацијата, направи напори за подобрување на вкупната состојба, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

- Во овој момент поголем број министерства имаат добиено задолженија да разработат нови идеи или мерки кои би можеле барем малку да потпомогнат во делот на вработувањето. Се надевам дека набрзо ќе можеме некои од нив и да соопштиме, рече Груевски по отворањето на двете нови лаборатории на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Коментирајќи ги прогнозите на гувернерот Димитар Богов за поголема кредитана активност во втората половина од годинава, напомена дека и Владата има слични проекции.

- Богов прогнозираше подобри економски времиња во втората половина на 2012, истото го очекуваме и ние иако е во директна корелација со случувањата во ЕУ и рецесијата што таму се случува. И мерките што ги презема Владата со намалување на каматните стапки и на записите, мерките на Централната банка со намалување на референтната каматна стапка за благајничките записи, како и повеќето други мерки што исто така ги преземавме, ќе влијаат на поголема кредитна активност на банките во однос на стопанството што е и крајна цел на овие политики, а поголемата кредитна активност на банките веројатно ќе има свое влијание и на економскиот раст. Во меѓувреме очекуваме одредено подобрување на кризата во коај се наоѓаат Европа и ЕУ, нагласи премиерот. 

Одговорајќи на новинарско прашање, дали Македонија има некакво економско сценарио ако Грција излезе од еврозоната, Груевски истакна дека се разгледуваат сите варијанти.

- Ако дојде до евентуално излегување на Грција од еврозоната што лично сметам дека нема да се случи, уверен сум дека и ЕУ и ние ќе најдеме начин да се справиме. Од наша страна добро се разработени сите можни опции што би можеле да се случат. Грчките банки во Македонија се безбедни, денарот е стабилен, девизните резерви се највисоки досега, стабилен е и банкарскиот систем во целина, напомена претседателот на Владата.

Според него, во ваков случај, сепак, најголем ќе биде предизвикот за ЕУ. Унијата, еврото и еврозоната ќе го претрпат првиот удар.

- Индиректно тоа ќе влијае и на Македонија зашто секогаш кога ЕУ ќе се најде во критична ситуација, тоа се одразува и врз останатие земји од Европа кои се во тесни релаци со членките, рече премиерот Никола Груевски.