Премиерот Димитар Ковачевски во официјална посета на Република Србија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, утре, 31.3.2023 година (петок), е во официјална посета на Република Србија. Во владината делегација која ја предводи премиерот Ковачевски се министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик-министерот за информатичко општество и јавна администрација, Александар Бајдевски.

Во рамки на работниот дел од агендата на оваа официјална посета на Република Србија, планирана е церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести, а како и тет-а-тет средба меѓу претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ.

Двете владини делегации, предводени од премиерите на Република Северна Македонија и Република Србија во рамки на официјалната посета ќе одржат заедничка пленарна средба, на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите.

По пленарната средба, предвидено е потпишување на меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан, како и заедничка прес-конференција на двајцата премиери, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ во 11:30 часот.

Линкови за следење на прес конференцијата:
Видео од прес-конференцијата на македонски јазик
Видео од прес-конференцијата на албански јазик

Владината делегација на Република Северна Македонија предводена од премиерот Ковачевски, ќе биде примена и од Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Премиерот Ковачевски и владината делегација ќе остварат средба и со претседателот на Народното Собрание, Владимир Орлиќ.

 

Календар Влада: 
Friday, March 31, 2023 - 00:00 to 23:45