Груевски: Контроверзно е Црвенковски да зборува за градење бидејќи ништо не изгради

Ставот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за нешто што се изградило и се направило, самото по себе е контраверзен бидејќи тој никогаш ништо не изградил, а имал можност за тоа, рече премиерот Никола Груевски.

-  Тој беше толку многу години премиер и ништо не изгради. Не се сеќаваме на ниту една работа што ја изградил и кога тој ќе каже дека нешто е контраверзно тоа самото по себе е контраверзно. Луѓе што изградиле нешто имаат право да кажат дека нешто им е контроверзно, но луѓе што не изградиле, а имале долг период дадена можност од граѓаните, тоа навистина е само по себе контраверзен факт, рече премиерот Груевски по посетата на Институтот за хемија при ПМФ каде беа предадени во употреба две нови најсофистицирани лаборатории.

Коментирајќи ја изјавата на лидерот на СДСМ оти е контроверзно поставувањето на споменикот на Филип Втори во очи празникот на Свети Кирил и Методиј тој потсети оти пред овој споменик, претходно беа поставени споменици на Свети Кирил и Методиј, на нивните следбеници Свети Наум и Свети Климент, како и на продолжувачите на нивното дело како Ѓорѓија Пулески, Димитрија Чупоски и Крсте Петков Мисирков.