Наскоро нов Општ колективен договор за јавниот сектор

Новиот Општ колективен договор за јавниот сектор кој е во подготовка, е во завршна фаза и се очекува да биде потпишан до крајот на идниот месец, по што ќе следи постапка на негово усогласување со гранските колективни договори.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, по средбата со претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Живко Митревски Раско Мишковски.

Тој додаде дека со потпишувањето на овој договор ќе се обезбеди целосна усогласеност со сите досегашни измени во Законот за работни односи, Законот за минимална плата и другите законски прописи кои ги уредуваат и утврдуваат прашањата од работните односи и правата на работниците. 

- Во моментов имаме Општ колективен договор, кој е склучен во 2008 година и четири години функционираме по еден договор, кој има неопходна потреба од корекција. Токму затоа денеска со претседателите на репрезентативните синдикати кои се потписници на овој Општ колективен договор разговаравме за да го прецизираме она што во нашите заеднички тимови беше работено изминатиот период, а тоа е подготовка на новиот Општ колективен договор за јавниот сектор, кој како обврска произлегува од членот 216 од Законот за работни односи, рече Ристовски.

Со новиот Општ колективен договор  ќе се опфатат сите вработени во јавниот сектор, а не само вработените кои се членови на синдикатите. Договорот, додаде, дава упатна норма со што на ниво на гранки и на ниво на работодавачи може да се утврдат поголеми права на работниците.

- Со Колективниот договор се уредуваат и доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите во јавниот сектор, условите и начинот на остварување на правата и обврските од  работен однос, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Колективниот договор може да се применува непосредно и е задолжителен за сите работодавачи и работници во јавниот сектор, рече Ристовски.

Претседателот на КСС Мишковски рече дека потписници на новиот Општ колективен договор за јавниот сектор ќе бидат тие заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија, како репрезентативни синдикати во јавниот сектор.

- Со претходниот колективен договор имаше некои недоречености. Со новиот кој ќе биде наскоро потпишан има објаснувања, дообјаснувања, односно се дефинираат прашања кои претходно не беа дефинирани и на некој начин бевме критикувани зашто не беа дефинирани тие прашања, рече Мишковски.

Митревски, пак рече дека за ССМ, овој настан е посебно значаен бидејќи претходно не беше потписник на Колективниот договор и ота она што го ветиле го исполнуваат и тоа во услови на криза.