Грковска – Зибери: Ефикасната заштита на правата на граѓаните е приоритет, заеднички ги надминуваме детектираните слабости

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска оствари работен состанок со Насер Зибери, народен правобранител на Република Северна Македонија, на кој се разговараше за предизвиците со кои се соочува оваа институција, но и за начините како тие да се надминат.
 
Вицепремиерката Грковска го информираше народниот правобранител Зибери за координативните активности што ги презема нејзиниот кабинет, со цел да се обезбеди поефикасна имплементација на Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, подготвен од Европската комисија.
 
Таа оцени дека е многу важно заеднички, низ координативен процес сите институции да работат на имплементација на препораките од Европската комисија, а со тоа и да се надминат системските слабости.
 
Двајцата соговорници разговараа за потребата да се пристапи кон измена на законската рамка која се однесува на Народниот правобранител како институција, која ќе овозможи усогласување на правната рамка со париските критериуми и венецијанските начела, пред се во поглед на нејзината финансиска независност.
 
Се разговараше и за соработката што Народниот правобранител ја има со останатите институции, со цел да се обезбеди ефикасна заштита на правата на граѓаните, при што беше нагласено дека веќе се надминати проблемите со посетите на казнетите установи, со кои Народното правобранителство порано се соочуваше.  
 
Вицепремиерката Грковска и народниот правобранител Зибери изразија подготвеност наредниот период, заеднички да работат на надминување на предизвиците со кои се соочува оваа институција, што е предуслов за унапредување на ефикасноста на заштитата на граѓаните.