Средба на министерот Сарачини со претставници на пазарџиите

Регулирањето на правниот статус на пазарџиите беше тема на разговор на денешната работна средба на министерот за економија Ваљон Сарачини со претставниците на Комората на трговци на Македонија.

- Средбата беше иницирана од наша страна со цел да почнеме да го решаваме проблемот на работењето на пазарите во Република Македонија. Ни беше ветено дека до крајот на јуни ќе биде изготвен законот за трговија од мал обем во кој е опфатена и работата на тезгаџиите по зелените пазари и оти ќе влезе во владина процедура. Сметам дека е добро и реално решение и оти ги исполнува потребите на времето во кое живееме и на економската ситуација во државата, изјави претседателот на Комората на трговци на Македонија, Екрем Долек по завршувањето на средбата со министерот Сарачини.

Тој посочи дека биле консултурани при изработката на законот и дека по неговото финиширање драфт верзијата ќе им биде доставена на петдневен увид во Комората.

- Пазарџиите бараат прво да им се реши статусот, да се одреди нивната точна бројка, а потоа да им се одредуваат обврските. Не бегаме од обврските што треба да се платат кон државата и немаме замерки на висината, но не можеме да се согласиме со ставот на Управата за јавни приходи која се обидува да го собере делот од персоналниот данок, без да се регулира плаќањето на пензиското и здравственото осигурување за пазарџиите, рече Долек.

Уште во 2008, потенцира, со Владата договоривме да се укине фискализацијата по зелените пазари до влез на Македонија во Европската унија, да не се регистрираат фирми на тезгаџиите преку Централен регистар туку со издавање на лиценци и решенија за работа, и по добивањето на точниот број на пазарџии да се договориме околу висината на паушалниот данок.

- Имајќи во предвид дека околу 25.000 семејства во државата опстојуваат од зелените пазари би замолил УЈП во моментов да ја стопира иницијативата за наплаќање на персонален данок од пазарџиите и да го почека донесувањето на законското решение, рече Долек. Нагласи дека на терен е направен невиден хаос, бидејќи, како што кажа, се бара плаќање персонален данок од пазарџии кои пред 15 години ја откажале тезгата.

Од Министерството за економија, посочи, им ветиле дека ќе им договорат состанок со Министерството за труд и социјална политика за да се одреди висината на придонесите што пазарџиите треба да ги плаќаат за пензиско и здравствено осигурување.