Грковска: Образовен систем без корупција е предуслов за напредок на нашата држава

„Важно е секој лидер да поседува вештини и знаења за ефикасно справување со коруптивните практики и тоа да го применува во своето работење, редовно и бескомпромисно. Таквото промовирање на етичко лидерство и добро владеење е најдобриот вид антикорупциско образование. Образование кое може да придонесе за развој на општество без корупција, каде што секој има еднакви можности и пристап до ресурси. Сѐ друго би останало на ниво на лекција, со која можеби секој ќе се запознае, ама нема да ја прифати и примени”, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната тркалезна маса „Антикорупциско образование - пристапи и предизвици“.

Вицепремиерката Грковска истакна дека корупцијата во самиот образовен систем е проблем кој ги саботира шансите за позитивен исчекор. Затоа и наставниците и учениците мора да ја знаат важноста на интегритетот и да бидат доволно оспособени и информирани за да се спротивстават на коруптивните практики и да понудат свеж и необременет пристап во борбата против корупцијата.

„Создавањето образовен систем без корупција, кој ќе обезбеди еднакви можности за сите ученици и студенти е единствениот систем кој може да води до понатамошна поширока промена во општеството. Коруптивниот светоглед не смее да биде дел од просторот каде што се обликуваат младите мозоци, ако сакаме образованието да ја има просветителската улога и да води напред, кон подобри меѓучовечки односи во општеството, подобри пракси на управување и конечно, до подобри услови за раст и развој на нашата држава и нејзиниот човечки потенцијал“,  посочи вицепремиерката Грковска.

На тркалезната маса  се обратија и министерот за образование, Јетон Шаќири, Владимир Георгиев од Државната комисија за спречување на корупцијата, Флоријан Трегер-Штајнтјес, прв секретар на политичката секција во германската амбасада во земјава и Џовани Гало и Константин Паликарски од Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал.

Свој придонес дадоа и претставници од граѓанските организации:  Младински образовен форум, Македонски центар за меѓународна соработка, Македонски центар за граѓанско образование, Средношколски сојуз и Институтот за човекови права. Дискусиите опфатија искуства и можности за дизајнирање и спроведување на антикорупциско образование во училиштата, како и можности за градење партнерства и мрежи за подобрување на овој аспект во образовниот систем.

Настанот е во организација на Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата  задолжена за политики за добро владеење и Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC), поддржани од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ), кои целат кон зајакнување на антикорупциските капацитети на младите, препознавајќи ја нивната улога како агенти на промената.