Ристовски: Во Македонија бракот останува заедница меѓу еден маж и една жена

Во Македонија бракот и законски и традиционално се смета како заедница на еден маж и една жена, и ние како министерство и Влада ќе се обидеме тоа да го задржиме, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, запрашан за коментар на иницијативата на Хелсиншкиот комитет за измена на законот за семејства и дозволување на истополни бракови.

Тој појасни дека покрај фактот што и законски бракот е заедница помеѓу еден маж и една жена, многу поважно е и тоа што тој така се доживува во општеството согласно традицијата и културата.

- За нас како Влада и како политичка партија е многу побитно што во Република Македонија согласно културните и традиционалните обичаи, верувања и начини на живеење семејството односно бракот се третира како заедница помеѓу еден маж и една жена. Врз основа на тоа, и како во многу поголем број европски земји, ние како Министерствои и како Влада ќе се трудиме да го задржиме и ќе дадеме максимум од себе, затоа што сметам дека единствено правилно е тој да остане како заедница помеѓу еден маж и една жена, рече министерот Ристовски.

Хелсиншкиот комитет за човекови права до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредби од Законот за семејство во кои се регулираат блиските лични односи.

Во заедница не живеат само маж и жена, туку лични односи имаат и лица од ист пол, смета ЛГБТ заедницата. Според преставниците од оваа заедница, хомосексуалците се дискриминирани во однос на хетеросексуалците. За разлика од брачните другари, тие неможеле да си ги остварат ниту правата што произлегуваат од врските што тие ги имаат со своите партнери. 

Уставниот суд ја примил иницијативата на 17 мај и побарал мислење од Владата и од Собранието и надлежното Министерство. По ова Судот на седница може да поведе или да не поведе постапка за оценување на уставноста. Доколку биде поведена постапка оспорените одредби можат да бидат укинати или поништени.