Потпишан протокол за колективно преговарање во здравството, фармацијата и социјалната заштита

Министерството за здравство денеска потпиша протокол за колективно преговарање со  самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

- Со протоколот Министерството за здравство пристапува кон континуиран навремен и на високо ниво социјален дијалог кој е веќе воспоставен со синдикатот. Со овој протокол практично одиме кон усогласување на колективните договори со новиот Закон  за здравствена заштита и со Законот за работни односи. Ќе биде формирана работна група која ќе биде составена од по тројца претставници од Синдикатот и Министерството за здравство која ќе треба во наредниот период да изврши усогласување на одредбите од постојните колективни договори со Законот за здравствена заштита и Законот за работни односи, рече на денешната прес-конфернција ресорниот министер Никола Тодоров.

Тој изрази задоволство од навремениот и на високо ниво социјален дијалог кој Министерството за здравство веќе го има постигнато со Синдикатот и смета дека тоа е единствениот и најдобар начин за функционирање на сите институции од оваа област.

За подобрување на статусот на вработените во здравството, нагласи претседателот на Синдикатот Љубиша Кaранфиловски основна задача е колективното преговарање и како што рече самиот денешен акт значи нов импулс на тој социјален дијалог во насока на афирмирање на колективното преговарање.

- Сето ова е во насока на препораката број 5 од ЕУ од 2000 година во насока на воспоставување партнерски однос  во здравствениот систем кој на извесен начин ние го промовираме. За нас многу е важно да постои социјалниот дијалог и да не биде само декларативно, истакна Каранфиловски.

Тој рече дека во основа на потпишувањето на протоколот ја гледаат корекцијата на коефициентите.

- Самиот протокол условува на неколку фази, а најважното е усогласувањето на колективниот договор со законите за работни односи за здравствена заштита. Зголемувањето на платите на здравствените работници ја гледаме во делот на корекцијата на коефициентите и сметаме дека има објективна потреба тоа да се направи, потенцираше Каранфиловски.