Груевски: Странските инвестиции на задоволително ниво, со оглед на околностите

Работите со странските инвестиции се движат во добра насока, имајќи ги предвид околносите и времето во кое живееме. Како времето ќе  минува се надевам дека ќе доаѓаат се повеќе инвестиции.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во изјава како одговор на прашањето дали е задоволен од приливот на странски инвестиции во земјава, по доделувањето на наградите во рамките на Европската недела за мали и средни претпријатија и европскиот ден на претприемачот за 2012 година. 

- Имајќи го во обзир времето во кое живееме, најпрвин двегодишна тешка светска економска криза и веднаш по неа европска должничка криза задоволително е како доаѓаат странските инвестиции. Кога не би биле такви условите инвестициите не би биле задоволителни, изјави премиерот Груевски.

Напорите, додаде, што ги вложуваме даваат одредени резултати. - Минатата година започна изградбата на голем број фабрики кои веќе привршуваат. Дел од нив веќе објавија огласи за вработување, а доаѓаат и компании од новите роуд шоа во Индија, Кина и Катар за да ги видат можностите и разгледуваат бизнис планови, рече Груевски.

Резултатите од презентациите пред странските инвеститори, нагласи, најчесто доаѓаат по година до две откако  компанијата добро ќе размисли и анализира, но во секој случај првите сигнали се добри зашто имаме брзо нивно доаѓање во земјава за да ги разгледаат условите што се нудат.