Ковачевски за Гласот на Америка: Уставните измени не смеат да бидат предмет на политички условувања

„ Уставните измени во делот на вклучување на други делови од народи во Преамбулата во нашиот Устав е една од одлуките за кои што е потребно 2/3 мнозинство до пристапувањето на полноправно членство во ЕУ. 

После таа одлука ќе следува одлука, реформа во правосудството, за тоа се потребни повторно 2/3, потоа ќе следува реформа на јавната администрација, за што повторно 2/3, реформа на децентрализацијата, повторно 2/3. 

Ваквите одлуки не смеат да бидат предмет на политички условувања“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Гласот на Америка за време на неговата работна посета на САД.

Премиерот Ковачевски појасни дека доколку овие одлуки станат предмет на политички уцена, тогаш државата не може да напредува во остварување на својата стратешка цел.

„ Не може остварувањето на членството на ЕУ, кое што обезбедува подобар животен стандард на граѓаните, повисоки плати, подобар правен систем, подобро владеење на демократијата, поголема социјална заштита и т.н, не може да биде заложник на кариерата на еден човек или на една политичка партија. 

Ова е процес на сите политички партии, ова не е процес на еден човек, не е процес на една партија, не е процес на една Влада, ова е широк општествен процес кој што е веќе отпочнат“, истакна премиерот, додавајќи дека во рамки на Министерството за правда е формирана работна група за изготвување на уставните амандмани, која се состои од експерти од правната фела, практичари, од судската фела, од претставници на политичките партии кои имаат искуство во политиката и во правото.

„ Штом ќе излезат со подготвените амандмани, тогаш ќе може да отпочне јавен процес на консултации во однос на истите, со бизнис заедницата, со академската заедница, со политичките партии и да влезе во собраниска процедура каде сите политички партии, особено пратениците имаат обврска со своето одлучување да обезбедат подобра иднина за сегашните и за идните генерации бидејќи овие одлуки се за иднината на државата, не можат да бидат предмет на дневна политика, како што не биле во земјите кои што влегле во ЕУ“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека потребата за влез во ЕУ е и поголемиот животен стандард.
 
„ Ги гледаме разликите кога сте или не сте членка ЕУ. Кој можеше да замисли порано наши граѓани да одат да работат во Прага или во Братислава или во која било друга земја која што беше порано членка на Варшавскиот договор, тогаш беше незамисливо. Сега имаме цели улици од наши Македонци во Прага на пример, коишто таму одат за поголема плата, а тоа е затоа што Чешка со влегувањето во ЕУ има неколкукратно поголем животен стандард од тоа што го имала претходно. 

И од тоа нема поголема потврда за потребата од влез во ЕУ. Тоа значи подобра инфраструктура, значи подобри системи за услуги на граѓаните, значи повисок животен стандард, повеќе работни места. 

Само во Хрватска со влегувањето во ЕУ, бројот на претпријатија е зголемен за 30%, тоа значи и бројот на работни места“, истакна премиерот Ковачевски во интервјуто за Гласот на Америка.