„Коридорот 8 никогаш не беше на мапата на европските коридори - благодарение на напорот на оваа Влада, конечно коридорот е ставен на мапата на транс-европските коридори. Досега беше само Коридорот 10. Благодарение на тие напори, идниот месец, или при крајот на овој месец, нашиот министер за транспорт и врски и соодветната комисија во ЕУ, ќе го потпишат Анексот од Договорот за транс-европските коридори, со којшто Коридорот 8 ќе биде дел од европските коридори. Тоа значи, во иднина, овој Коридор ќе може да користи, во делот на железничко поврзување и други начини на поврзување - средства од европските фондови“, нагласи премиерот Ковачевски во вечерашното интервју за Канал 5 ТВ.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и во оваа прилика посочи на важноста на изградбата на коридорите 8 и 10-д како најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, којшто чини 1,3 милијарди евра, а придобивките се многукратни.
„Ќе имаме 110 километри модерен автопат, со 6 ленти. Автопатот ќе се гради во региони коишто се најмалку развиени во државата. Ова конечно ќе овозможи изградба и поврзување на Северна Македонија и со пристаништата во Драч и во Бургас. Ние досега сме имале пристап само до едно пристаниште, каде што одредени компании со децении имаат монопол на тргување, во солунското пристаниште. Знам дека на некој тоа нема да му се допаѓа“, рече во интервјуто, премиерот Ковачевски.
„Во изминатите 32 години, во државата се правени по 5 километри автопат на година, дали се и 5 е прашање. Со овој договор, 20 километри модерен автопат се прави на годишно ниво“, посочи премиерот Ковачевски.
Тоа, како што објасни премиерот ќе се овозможи со предложените измени на законите коишто се веќе во собраниска процедура, а со коишто се врши усогласување на законодавството во делот на забрзување, во делот на поедноставување и во делот на зголемување на ефикасност и намалување на трошоците на чинење, со оглед на тоа дека се намалува временскиот период на градењето на вакви инфраструктурни проекти“.
„Државата вели вака, за да се изгради побрзо и да чини помалку, ова се промените кои ги предлагаме“, нагласи премерот Ковачевски.
Премиерот појасни дека „на секој работник кој своеволно и доброволно ќе потпише дека сака да работи, му се гарантира и одмор во текот на неделата и одмор во текот на годината“, што значи дека „се работи за регулирање на прекувремените саати“ и дека „ова не се однесува, според законските измени, само на овој Коридор 8 и 10-д, туку се работи за законски измени кои се однесуваат и за други стратешки проекти донесени со закон, во делот на патната инфраструктура, железничката инфраструктура, енергетската, коишто, голем дел, се финансирани и со европски финансиски средства“.
„Договорот јасно содржи дека 51% од ресурсите, кои ќе бидат користени во изградбата на овие автопатишта, мора да бидат од нашата држава. Тоа значи работници, тоа значи компании, тоа значи логистички.
„Бехтел и Енка“ е со закон избрана во Собранието, којшто закон го има и во Уставниот суд.
Овој договор е направен врз основа на Закон донесен во Собранието, со којшто закон е донесена одлука од страна на пратениците, да се склучи директно договор со американско – турскиот конзорциум. Заради тоа што - Собранието има така одлучено, бидејќи Собранието сметало дека се работи за реномирана американска компанија, којашто е една од најголемите компании за изградба на инфраструктурни проекти, не само во соседството“, додаде премиерот Ковачевски.
Во делот на транспарентноста на Договорот, премиерот Ковачевски појасни дека „има во него клаузули, во коишто се наведени калкулациите со коишто конзорциумот ги одредува своите цени и технологијата на работа, којашто за нив претставува деловна тајна и такви се сите договори коишто ги има потпишано Јавното претпријатие за државни патишта, со другите изведувачи кои работат на други делници“, поради што е достапен за лица со соодветен сертификат, кои можат да го добијат.
„Бидејќи во Собранието пратениците сакаа да го добијат Договорот, има цел владин тим, подготвен уште пред две или три недели и писмено е информиран претседателот на Собранието, да оди и да го презентира Договорот пред пратениците“, соопшти премиерот Ковачевски.
Во делот на надзорот на градењето, премиерот посочи дека изборот е направен врз основа на постапка којашто е правена согласно сите законски процедури во државата, дека стопанските комори и медиумите на два брифинга со претставниците на Владата во детали можеа да се уверат во сите одредби од Договорот и така и ќе биде и понатаму.
„Секоја исплата која што Јавното претпријатие за државни патишта ќе ја прави кон изведувачот, кон проектантот, односно конзорциумот „Бехтел и Енка“, ќе биде објавуван на сајтот за јавни финансии, така да сите финансиски трансакции во наредните 5 години, во однос на овој проект ќе бидат јавни и достапни за сите граѓани“, рече премиерот Ковачевски во вечерашното телевизиско интервју.
Претседателот на Владата, Ковачевски, констатираше дека против овој стратешки проект, изградбата на коридорите 8 и 10-д се истите кои го правеа контроверзен процесот на влегување на државата во НАТО и кои го прават контроверзен процесот на отпочнување на преговорите со ЕУ и оцени дека „на нив им е целта да не се направи Коридорот“.