Ристовски: Во Македонија зголемен бројот на баратели на азил

Во Македонија оваа година се регистрирани 200 нови баратели на азил, од кои најмногу - 92 се од Авганистан.

- По случувањата во Африка во изминатите неколку месеци, можеби и цела година наназад, се интензивира присуството на баратели на азил. Но дефинитивно едно е јасно дека Република Македонија не е нивната крајна дестинација, туку е транзит. Главно, земјите од Европската унија се крајната цел на овие лица, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски при денешната посета на Прифатниот центар на баратели на азил во Визбегово.

Република Македонија има обврска во рок од 60 дена од поднесувањето барање за азил да го регулира нивниот престој во државата. Но постапката за некои траела и подолго затоа што доаѓаат од земји чиј јазик не се говори во регионот. За нив мора да се обезбеди толкувач кој ќе им ги објасни правата и обврските што ги имаат како азиланти во Македонија.

- Откако ќе се стекнат со статус на право на бегалец, Република Македонија се до оној момент се додека не се расчисти соодветниот предмет, додека не се расчисти статусот на соодветното лице ние имаме обврска и обезбедуваме грижа за тие лица се додека не им се регулира постојниот статус во форма во која тие би побарале, истакна министер за труд и социјална политика.

Од 2002 од кога е отворен Прифатниот центар па до денес во него биле сместени 1.330 азиланти. Само оваа година се регистрирани 200 нови баратели на азил. Најмногу има од Авганистан – 92, потоа следуваат Сомалија, Палестина, Еритреја, Пакистан, Палестина, Бангладеш, Сирија, Коморски острови, Косово, Ерменија, Шри Ланка, Судан, Египет, Нигерија, Тунис, Мароко.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ристовски рече дека во завршна фаза е интернет сајтот на кој ќе бидат објавени имињата на педофилите во Македонија.

- Регистарот на педофили е во завршна фаза. Последните неколку досиеја ги очекуваме од штипскиот и битолскиот затвор и можам да кажам дека во наредните неколку дена, за многу брзо време ќе биде објавен официјално и ќе биде стартуван јавниот пристап до регистарот на педофили, изјави Ристовски.

Тој потенцира дека ќе бара максимална казна доколку се докаже одговорност на било кое лице кое сексуално злоупотребувало дете, без разлика дали е директор, функционер или обичен граѓанин.