„Пораката од нашиот стратешки партнер САД е многу јасна и од заменик-помошникот државен секретар на САД, Ескобар, меѓутоа исто така многу прецизна изјава даде и државниот секретар Блинкен, како и денес на заедничката прес-конференција сенаторот Крис Марфи - сите политички партии во државата треба да го поддржат европскиот пат на државата, која после членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ“, посочи премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
„И ако нашиот партнер САД, одлучиле да го соопштат вака јавно повикот за натамошен напредок на нашата држава, како што во сите 30 години од независноста на државата стојат позади нас како народ и како држава, тогаш навистина треба да се сфати добронамерноста на САД и на другите држави членки на НАТО и ЕУ, коишто се наши партнерски држави и сите да ја донесеме заедно одлуката, којашто нè носи во полноправно членство во ЕУ и реформите коишто по тој пат, ќе ги правиме за унапредување на нашето општество“, повика премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, констатираше дека - „нашите млади, заслужуваат да живеат во држава членка на ЕУ, државата во којашто стандардот ќе расте, како што расте во државите членки во ЕУ и нема да мора да одат во други држави за да живеат во ЕУ, како што тоа го прават во изминатите три декади“.
Премиерот нагласи дека - „очите и на европската јавност и на нашите партнери од НАТО се повторно вперени тука кај нас, затоа што во нас се гледа и фактор на стабилноста и фактор на безбедноста во регионот и во Европа“.
„И не можам да замислам колку некој може и треба да биде неодговорен, во овој ризичен геополитички контекст на случувања, по војната во Украина, за да ја остави на лизгав терен и својата земја и регионот и Европа“, предочи премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, соопшти пред пратениците и дел од пораките од неговата неодамнешна посета на САД.
„САД високо го ценат нашиот придонес во НАТО, како сојузник во НАТО Алијансата и ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во носењето храбри и мудри одлуки, коишто Владата ги презеде во насока на зачленување на НАТО и во насока на започнување на преговорите со ЕУ. Високиот американски претставник, Блинкен, ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги употреби можностите што се пред неа. На тој пат, беше потенцирано дека САД стојат цврсто со Северна Македонија“, рече премиерот Ковачевски, укажувајќи дека пријателството меѓу Северна Македонија и САД е гаранција за стабилноста и просперитетот на нашата држава, како и на цел Западен Балкан.
„Сакам да ве уверам вас, како и што ме уверија и мене во САД, дека за уставните измени, внесувањето во нашата преамбула - други делови од народи кои изразиле желба за такво нешто, со оглед на тоа што ние веќе во нашата преамбула имаме делови од други народи - дека за тоа имаме силна поддршка од сите наши стратешки партнери, со цел да донесеме одлука којашто ќе биде за нас добра, односно за просперитетот, иднината на државата и на генерации млади кои тука живеат“, додаде премиерот Ковачевски.
„И сакам да ве уверувам дека прогресивно определените политички партии тој пат го поддржуваат и одлуките коишто треба да се донесат, а се надевам дека и другите политички партии во Собранието, односно целото Собрание, ќе има и сила и визија, да обезбеди европска иднина на сите сегашни и идни граѓани на Северна Македонија“, порача премиерот Ковачевски.
Силна е, како што дополни премиерот Ковачевски и поддршката на САД на реформите; дека силно се цени нашиот придонес во глобалните процеси и тоа што сме земја фактор на регионалната стабилност, на иста линија со САД и ЕУ, нашето лидерство е поздравено и признаено преку претседавањето со ОБСЕ и со тоа што сме земја во којашто се депонирани договорите од Берлинскиот процес меѓу земјите од Западен Балкан, а се истакнати и економските аспекти на европското интегрирање.
„Бидејќи, се потврдува тоа дека земјите коишто порано биле дел од источниот блок и каде што имало големо иселување на младите, со влегувањето во ЕУ и со зајакнувањето на европскиот стандард и тоа се случило во сите земји, младите остануваат да работат во својата држава. Со оглед на тоа дека економски, државите, коишто се дел од заедничкиот пазар на ЕУ, имаат неколкукратно поголеми стапки на БДП од другите земји коишто не се членки на ЕУ и заедничкиот пазар од половина милијарда жители. Од друга страна, доколку ние не продолжиме по европскиот пат, доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграциите ќе бидат доведени до ризик, ќе се најдеме во состојба на стагнација, како онаа што ја имавме цели десет години од 2006 до 2016 година.
Но, тоа, како што реков, не смееме да го дозволиме. Северна Македонија ќе оди напред и ние ќе ја исполниме нашата стратешка цел - полноправно членство во ЕУ. И тоа ќе го направиме до 2030 година“, порача премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, од говорницата во Парламентот се заблагодари на САД, од името на Владата и на граѓаните, за силната поддршка којашто ја добиваме во сите реформски напори и во однос и на интегрирањето во НАТО и во интегрирањето во ЕУ.