Груби - Балуку: Инфраструктурна револуција помеѓу нашите земји

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби оствари средба со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Република Албанија, г-ѓа Белинда Балуку.

Инфраструктурните и енергетските проекти, патот кон евроинтеграциите како и состојбата во регионот, вклучително и северот на Република Косово беа теми на разговор меѓу Груби и Балуку.

Разговарајќи за проектите меѓу двете земји, посебен акцент беше ставен на Коридорот 8 со образложение дека реализацијата на овој амбициозен проект преку јасен план за негова изградба ќе биде големо достигнување не само за Република Северна Македонија и за Република Албанија, но и за целиот регион.

Груби и Балуку разговараа и за железничката врска меѓу Скопје и Драч, сувото пристаниште во Струга и новиот граничен премин.

Европските интеграции се заедничко патување на нашите две земји, сега сојузници во НАТО, и ние сме посветени на брзо завршување на преговарачкиот и пристапниот процес во ЕУ преку спроведување на реформите и задачите што ги имаат нашите земји.

Груби и Балуку разговараа и за состојбите во регионот, вклучително и на северот на Република Косово со апел да се воспостави смиреност и страните да го продолжат дијалогот по постигнувањето на договорот во Охрид и негово финализирање со меѓусебно признавање.