Ковачевски- Мецола: Силна поддршка од Европскиот парламент за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница кој се одржува во Кишињев, Молдавија.

Фокус на разговорите беше ставен на евроинтеграцискиот процес на земјава, при што претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола изрази силна поддршка Северна Македонија да продолжи по европскиот пат.

Премиерот Ковачевски и претседателката на ЕП Мецола се согласија дека улогата на Собранието на Република Северна Македонија е клучна и дека одлуката која треба наредниот период да се донесе, е тешка, но државничка одлука. 

Таа одлука е крајно обврска на секој пратеник поединечно, и на Собранието како законодавен дом во кој директно се претставени граѓаните, кои сакаат европска иднина и сакаат да живеат во земја членка на ЕУ, но тука, дома, во Северна Македонија. 

Тоа не може да е одлука на еден човек, една влада или една партија и токму затоа и премиерот Ковачевски и ПЕП Мецола ја потенцираа важноста на овој процес и апелираа до Собранието да ја донесе вистинската одлука која ќе овозможи просперитет и европска иднина за граѓаните на Северна Македонија.

Во овој контекст беше истакната и посветеноста на пратениците на Европскиот парламент за напредокот на земјата во процесот на пристапување во членството во ЕУ.