МВР објави оглас за прием на 300 полицајци

Министерството за внатрешни работи распиша јавен оглас за прием на 300 извршители на работно место „полицаец“.  Избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при МВР.

По завршување на основната обука, соопшти денеска МВР, кандидатите ќе склучат договори за вработување во Министерството за внатрешни работи.

Кандидатите меѓу другото треба се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, а да не наполниле 25 години ако прв пат засноваат работен однос на работно место за кое е предвидено средно образование.

Заинтересираните кандидати треба да достават потребни докази за исполнување на потребните услови за работното место, лично и тоа во едно од наведените места: СВР Скопје, Полициските станици од општа надлежност-Гази Баба, Бит Пазар и Карпош, како и Секторите за внатрешни работи во  Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип.

При поднесување на пријава кандидатот потпишува изјава за доброволно пристапување на селекција на избор на кандидат за полицаец со неможност за барање на оштета од Министерството за внатрешни работи во случај на повреда за време на спроведување на постапката за селекција.

Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот и истата се спроведува во неколку фази. 

Кандидатите меѓу другото ќе имаат писмено тестирање, проверка на моторички способности, а ќе имаат и  здравствени прегледи.