Ковачевски при посетата на АД „Европа“: Силната поддршка на домашните компании и стратешкото лидерство носат македонски успеси на европските и светски пазари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска беше во посета на фабриката АД „Европа“ Скопје, којашто опстојува на пазарот речиси над 140 години, работи по најсовремени методи и стандарди, а државната финансиска поддршка што ја добиле помогнала значително во нивниот напредок и покрај актуелните предизвици. И денес се стабилна индустриска компанија со производство од околу 5.000 тони годишно продажба на странскиот и на домашниот пазар.

„Многу е убаво кога ќе се види напредокот на компанијата во којашто сме денеска, АД „Европа“ Скопје, којашто е наш домашен, а во исто време и европски и светски бренд за чоколади, вафли, бонбони.

Развојот на компанијата покажува дека треба да се има јасна идеја, визија, план, стручни работници, добар менаџмент и посветено да се работи и секогаш ќе има резултати. И дека успехот е можен во стабилна држава, којашто се грижи за опстанокот и развојот на домашните компании. Во услови кога во светот се затвораат фирми, дури и огромни компании, кога е доведено во прашање производството на познати светски брендови, чоколадната индустрија АД „Европа“ егзистира успешно и успешно обезбедува плата за 500-тини вработени кои тука работат“, рече премиерот Ковачевски.

Конкретно, компанијата во време на пандемијата, со државна поддршка, како корисник на мерката на Владата за справување со КОВИД-19 кризата, набавила нова опрема за производство на производи од какао, чоколади. Во 2019 година, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, АД „Европа“, за инвестициски проект е корисник на нова државна финансиска поддршка. Вкупната исплатена државна помош кон компанијата по овој основ е 165 илјади евра (10.000.000 денари). А во овој момент компанијата користи државна финансиска поддршка од над 66.000 евра, по овој основ.

„Ние како Влада, токму со цел да ги поддржиме и домашните, покрај странските инвестиции, во 2018 година го инициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто беше усвоен и во Собранието. Само лани, по основ на овој закон, државата обезбеди 23 милиони евра директна финансиска помош за над 410 компании, што е најголема државна поддршка за домашни компании досега, од осамостојувањето на државата“, посочи премиерот Ковачевски.

Донесовме, како што дополни премиерот Ковачевски и пакет антикризни мерки од 760 милиони евра, што е најголем пакет на државна помош во регионот, според податоците на ЕБРД.

Премиерот рече дека покрај финансиската поддршка на домашните компании, „растат и платите кои се исто така на историски највисоко ниво досега“ и посочи на просечната месечно исплатена нето плата по вработен, којашто во април 2023 достигна над 36.000 денари и на минималната плата, којашто од март годинава е над 20.000 денари. Исто така, како што нагласи премиерот Ковачевски, лани, најкризната година за целиот свет ја завршивме со историски рекорден износ и на странски директни инвестиции во земјата во висина од 753,8 милиони евра; во технолошко-индустриските развојни зони има 16.900 работни места, со плати над државниот просек; невработеноста во изминатите неколку години е намалена за 8 процентни поени; стапката на вработеност кумулативно за истиот период е зголемена за 9,5 проценти; инфлацијата е во надолна линија и од 19,8 отсто во октомври 2022 година е падната на 11,3 отсто претходниот месец, при што се очекува спуштање на инфлацијата до 8 отсто, за 2023 година.

„Во оваа прилика сакам да порачам, дека ќе продолжиме силно да ги поддржуваме домашните компании и стандардот на граѓаните. Јас како премиер и оваа Влада сме категорично определени да осигураме европски услови за живот дома, да отвориме нови и уште поголеми регионални, европски и светски пазари за граѓаните и компаниите. И за оваа цел работиме низ прецизен стратешки пристап, со стратешко лидерство. Членството во НАТО ги отвори вратите за нови инвестиции, бидејќи инвеститорите сакаат сигурност. А со натамошниот напредок во европските интеграции, ќе ја донесеме Европа дома и ќе си ги задржиме младите луѓе во родната земја, за со својот креативен потенцијал и младешка енергија да ја развиваат Република Северна Македонија, за доброто за сите нас“, порача премиерот Ковачевски.

Заменикот на претседателот на Владата, Битиќи, рече дека „преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, ние создаваме доверба кај компаниите и ги стимулираме во влегување во нови инвестициски циклуси, како што е примерот со Европа“.
„Ова е особено важно за АД „Европа“ која извезува на странските пазари во 26 земји на различни континенти, со што ја зајакнува нејзината конкурентност на пазарот, преку воведување на нови производи.

Преку овој пристап, Владата обезбедува поддршка за локаните компании за нивно интегрирање во глобалните вредносни синџири.

Компаниите како „Европа“ се наш локален производ и квалитет, кои извезуваат на светските пазари и ќе продолжат да се развиваат со партнерска поддршка на Владата“, рече вицепремиерот Битиќи.

Генералната директорка на АД „Европа“ Скопје, Марика Караџова рече дека компанијата ги надминува предизвиците, по принципот да се инвестира, наместо да се штеди, што го практикуваат во изминатите неколку години инвестирајќи во нови производни линии и автоматизација на процесите, инвестирање во обновливи извори на енергија и слично.

„Поддршката од Владата што ја имавме овие неколку години многу ни значи, бидејќи благодарение на потпишаните Договори за финансиска поддршка со субвенциите од Владата успеавме да го одржиме нашиот бизнис.

Како компанија сме горди бидејќи ги задржавме сите наши купувачи, а уште повеќе охрабрува веста дека оваа година започнавме соработка со три нови купувачи од странство,  што е доказ дека се движиме во правилна насока“, рече директорката Караџова.


 

Премиерот Ковачевски во посета на компанијата „Европа“

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски имаше обраќање при посетата на фабриката АД „Европа“ Скопје.

Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Ковачевски:

„Mногу е убаво кога ќе се види напредокот на компанијата во којашто сме денеска - АД „Европа“ Скопје, која што е наш домашен, а во исто време и  европски и светски бренд за чоколади, вафли, бонбони.

Развојот на компанијата покажува дека треба да се има јасна идеја, визија, план, стручни работници, добар менаџмент и посветено да се работи, секогаш има резултати.

И дека успехот е можен во стабилна држава, којашто се грижи за опстанокот и развојот на домашните компании.

Благодарение на овој пристап, компанијата се развива и покрај премрежијата што за сите ги наметна здравствената криза, потоа економската, енергетската криза, војната во Украина, зголемената цена на суровините, проблемите со транспортот, зголемената цена на енергенсите. Меѓутоа „Европа“ се тоа го надмина и денес таа е стабилна компанија во нашата индустрија, со производство од околу 5.000 тони годишно производство на производи кои се наменети за странскиот и домашниот пазар. 

Овој успех на АД „Европа“ е заеднички успех на раководството, на работниците но и на државата во целост. 

Во услови кога во светот се затвораат фирми, дури и огромни компании, кога е доведено во прашање производството на познати светски брендови од чоколадната индустрија, АД „Европа“ егзистира успешно и успешно обезбедува плата за 500 вработени кои што тука работат.  

Компанијата опстојува на пазарот речиси над 140 години до денес. Нема граѓанин на нашата држава, но и граѓанин на поранешните држави од Југославија и на многу други кои не ги знаат производите на „Европа“, производи со кои сите ние заедно сме израснале. 

Евидентен е напредокот на „Европа“. Она што можевме да го видиме е воведување на нови автоматски линии за производство, на нови машини за пакување, кои што се предуслов за освојување на нови пазари кои тие ги имаат на сите континенти во светот. 

Конкретно, АД „Европа“ Скопје во време на пандемијата, набави нова опрема за производство на производи од какао чоколади и тоа заедно со помошта која ја имаше од Владата, за справување со ковид кризата. Донесовме пакет антикризни мерки од 760 милиони евра, што е најголем пакет на државна помош во регионот, според податоците на Светска Банка.

Во 2019 година, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, АД „Европа“, за инвестициски проект е корисник на нова државна финансиска поддршка. Вкупната исплатена државна помош кон компанијата по овој основ е 165 илјади евра (10.000.000 денари). 

Во овој момент компанијата користи државна финансиска поддршка од над 66.000 евра, по овој основ.

Ние како Влада, токму со цел да ги поддржиме и домашните, покрај странските инвестиции, во 2018 година го инициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто беше усвоен и во Собранието.

Само лани, по основ на овој закон, државата обезбеди 23 милиони евра директна финансиска помош за над 410 компании, што е најголема државна поддршка за домашни компании досега од осамостојувањето на државата.

Освен што ги поддржуваме финансиски домашните компании, растат и платите кои се исто така на историски највисоко ниво досега.

Пред само три дена Државниот завод за статистика објави дека просечната месечно исплатена нето плата по вработен, во април 2023 година достигна надмина 36.000 денари. Во 2017 година беше 22.500 денари.

Минималната плата од март годинава е над 20.000 денари. А во 2017 година беше 12.000 денари.

Помагаме на компаниите. Поттикнуваме раст на платите. Ја промовираме државата како поволно и безбедно место за големи инвестиции. И лани, најкризната година за целиот свет ја завршивме со историски рекорден износ и на странски директни инвестиции во земјата во висина од 753 милиони евра. Во технолошко-индустриските развојни зони има 16.900 работни места, а искуствата покажуваат дека платите веќе се над просечните плати во државата.

Ако одиме понатаму со фактите, се гледа дека невработеноста во изминатите неколку години е намалена за 8 процентни поени. Стапката на вработеност е зголемена за 9,5 проценти. Инфлацијата е во надолна линија и од 19,8 отсто во октомври 2022 година веќе е падната на 11,3 отсто претходниот месец. А очекуваме да продолжи да паѓа до крајот на годината, што е на линија на проекциите на Народна Банка и на Министерството за финансии, за спуштање на инфлацијата до 8 отсто, за 2023 година.

Во оваа прилика сакам да порачам, дека ќе продолжиме силно да ги поддржуваме домашните компании и стандардот на граѓаните.

Јас како премиер и оваа Влада сме категорично определени да осигураме европски услови за живот дома, да отвориме нови и уште поголеми регионални, европски и светски пазари за граѓаните и компаниите. И за оваа цел работиме низ прецизен стратешки пристап, со стратешко лидерство.

Членството во НАТО ги отвори вратите за нови инвестиции, бидејќи инвеститорите сакаат сигурност. А со натамошниот напредок во европските интеграции, ќе ја донесеме Европа дома и ќе си ги задржиме младите луѓе во родната земја, за со својот креативен потенцијал и младешка енергија да ја развиваат Република Северна Македонија. 

Тоа се потврдува и тука на примерот на „Европа“, ако некогаш имате можност заедно со директорката да прошетате низ погоните, ќе видите како македонски инженери имаат креирано машини кои се произведени во Италија и кои што овде произведуваат производи, единствено во целиот свет машински тука кај нас во „Европа“, а на сите други места во светот се произведуваат рачно. 

Благодарам за гостопримството, на целиот тим им посакувам многу успеси. Владата, пред се вицепремиерот за економски прашање, Министерот за финансии, Министерот за економија, секогаш им стојат на располагање исто како и јас во време на криза да помогнеме, таму каде што треба. 
А кога треба да се инвестира и државата да биде на располагање да учествува во инвестиции кои креираат нови работни места, нови производи и повисоки плати.

Ви благодарам“