Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски со највисоки државни и воени почести беше свечено пречекан од канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц. Со построена гарда и интонирање на химните на двете држави, германскиот канцелар Шолц го пречека премиерот Ковачевски кој е во прва официјална посета на Берлин. Во делегацијата што ја предводи премиерот Ковачевски се и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Годинава се навршуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашата земја и Германија. Односите на соработка меѓу двете земји се базираат на интензивен политички дијалог и значајна соработка во сите области. Северна Македонија има силна и значајна поддршка од Сојузна Република Германија за нашата европска интеграција. Изминативе години како држава бевме охрабрувани од страна на Германија преку повеќе регионални проекти како Берлинскиот процес во исполнување на препораките на Европската Унија.
Освен наш политички партнер и НАТО сојузник, Сојузна Република Германија е наш најзначаен трговски партнер што се потврдува со голем број германски компании кои се присутни и работат во Северна Македонија во кои се вработени повеќе од 20.000 наши граѓани.