Германија е голем поддржувач на Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, како и најголем економски партнер вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
„Многу сум благодарен на Германија и на канцеларот Шолц за неговата поддршка на нашиот пат кон ЕУ. Германија е најголемиот економски партнер на Северна Македонија. Кај нас активни се 200 германски компании. Половина од надворешната трговија ја вршиме со Германија. Во Германија живеат околу 20.000 до 30.000 мои сонародници“, рече премиерот.
Ковачевски во интервјуто за германскиот весник истакна дека пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и во справувањето со влијанијата на земји кои немаат интерес за стабилен и интегриран Западен Балкан во ЕУ.