Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беше на теренот каде се гради експресниот пат Градско - Дреново.
Станува збор за современ експресен пат - со мостови, клучки, надвозници, подвозници, одводнување, во должина од 15,5 километри, што е финансиран, во најголем дел, со пари од европските ИПА фондови.
„Овој нов експресен пат што се гради, од Дреново до клучката Градско, дел од Коридорот 10 – д, е уште еден пример дека посветено работиме на изградбата на безбедни и модерни патишта. Со тоа, создаваме европски услови за живот на граѓаните, овде, во државата и ја поврзуваме Република Северна Македонија со Европа“, рече премиерот Ковачевски.
„Делницата на експресниот пат од Дреново до клучка Градско практично се спојува со еден од најфреквентните патни правци во земјава, Градско – Прилеп. Со тоа ги поврзува источниот и западниот дел на државата и обезбедуваме комуникација и кон север и кон југ. Неговата изградба, затоа, е од големо значење за подигнувањето на нивото на безбедноста во сообраќајот во овој регион. А како дел од паневропскиот Коридор 10, односно крак 10 – д, патот од Дреново до клучка Градско, влегува и на картата на европската патна мрежа“, посочи премиерот Ковачевски.
Патот е во должина од 15,5 километри. Станува збор за современ експресен пат - со мостови, клучки, надвозници, подвозници, одводнување. А е финансиран, во најголем дел, со пари од европските ИПА фондови, посочи премиерот. Соопшти дека над 21 милион евра европски пари се вложени во изградбата на овој пат и над 3,5 милиони евра државни пари. Реализацијата на изведбата е 75 проценти. И, во моментов се разгледува можноста за дофинансирање на околу 9,8 милиони евра, исто така од европската ИПА структура, со цел проектот да се комплетира во првите месеци од следната година, какви што се проценките од надлежните за проектот.
„Како што може да се уверат и граѓаните, ние како Влада имаме поддршка од нашите европски партнери, во нашите искрени напори да осигуриме европски стандарди тука, како и да ја внесеме државата во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски.
„Европската Унија е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан, како и во нашата држава за исклучително важни проекти како што е овој пат на кој сме денеска“, додаде премиерот, кој соопшти дека преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу милијарда евра неповратни средства. ИПА 3 програмата (2021-2027) е веќе започната. Проектираните средства за 2021, 2022 и 2023 година се во вкупен износ од околу 243 милиони евра. А во тек е програмирањето за 2024 година на финансиски средства со износ од 80 милиони евра.
Премиерот укажа и на другите видови европска помош и поддршка што ги добива државата: преку ИПАРД 2 програмата - 60 милиони евра; зголемени средствата за 62 процента и доделени нови, неповратни 97 милиони евра на располагање преку ИПАРД 3 програмата за модернизација на македонското земјоделство; нови 100 милиони евра доделени од Европската комисија за макрофинансиска помош за Северна Македонија; 160 милиони евра за Северна Македонија од финансискиот пакет од 3 милијарди евра што го предложи Европската комисија за десет партнери од проширувањето и соседството, за да помогне во ублажувањето на економските последици од пандемијата; грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.
„Јасно видлива е разликата на времето кога државата беше во меѓународна изолација и граѓаните тонеа во сиромаштија и денес, кога сме членка на НАТО и одиме по јасен европски пат. Имаме рекорден број инвестиции, нови работни места и рекордно намалување на невработеноста, повисоки плати, пензии, највисока историска минимална плата, највисока историска просечна плата, три пати поголема социјална помош како и најголема историска државна помош за домашните компании како за одржување на ликвидноста така и за нови инвестиции во компаниите. Сите можат да се уверат што значи да се има европската поддршка во развојот и солидарноста и кога сме по европскиот пат. Таа поддршка ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Унијата“, посочи премиерот Ковачевски.
Тоа го покажуваат примерите со развојот на Романија, Чешка, Словачка, Полска, рече премиерот Ковачевски, укажувајќи дека една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, добива над 10 пати повеќе средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство. Премиерот додаде дека „овие пари значат инвестиции во животниот стандард, во нови работни места, во подобро живеење на граѓаните и примена на европските вредности дома, тоа што го очекуваат посебно младите луѓе во нашата земја“.
„Ја имаме неповторливата шанса до 2030 година да станеме полноправна членка на ЕУ! А во меѓувреме, со тоа што ќе продолжиме со нови чекори напред по европскиот пат, ќе ни бидат достапни и бенефитите од новите чекори од ЕУ кон Западен Балкан. Нов план за раст на Западен Балкан веќе најави претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен. Тоа значи можност за пристап до единствениот пазар на ЕУ - пазар со околу 500 милиони луѓе и отворени врати за соработка и бизнис што ќе ни овозможат забрзан развој. Значи длабока регионална економска интеграција и зголемување на претпристапните средства. И должност на сите е сега, кога европскиот фокус кон нас е најголем досега, да не ги попречи од дома перспективите, туку да ги осигуриме конечно европските перспективи на граѓаните, на младите и на нашата држава“, порача премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, упати благодарност до амбасадорот на Европската Унија, Гир и до граѓаните на државите членки на ЕУ, во името на граѓаните на Република Северна Македонија, за големата поддршка од нашите европски партнери во реализацијата на големата, стратешка, европска цел.
По премиерот, се обрати и евроамбасадорот Гир, кој рече дека ЕУ ќе продолжи да вложува во економскиот развој и во просперитетот на државата.
„Целта на поддршка од Европската Унија е Република Северна Македонија да се спреми на стане полноправна членка и да ги ужива придобивките од членството во ЕУ. Да има пристап во поголеми ресурси“, порача амбасадорот Гир.
Евроамбасадорот Гир посочи дека тие придобивки значат повеќе работни места, подобрување на животниот стандард, поголеми деловни можности и укажа на можностите што ги отвора и Планот за раст на земјите од Западен Балкан, чијашто цел е пристап до придобивките од членството во ЕУ и во текот на процесот на пристапувањето кон ЕУ.
„Ова се огромни можности што овозможуваат да напредувате во реформите и на европскиот пат“, порача амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, кој во дел од обраќањето говореше на македонски јазик.