Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со шефот на мисијата на ОБСЕ, Килијан Вал, Министерот за правда, Кренар Лога и претставничката на УНЦХР во Република Северна Македонија, Кристина Бунеа се обратија на отворањето на регионалните работилници за имплементација на изменетиот Закон за матичната евиденција. Работилниците се организирани од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНХЦР.
„Подготовката на Законот за лица неевидентирани во Матична книга на родени е пример за решеноста на Владата на Република Северна Македонија да помогне на оваа категорија на граѓани кои не можат да ги остварат човековите права поради не поседување на документи. Предизвикот на оваа категорија на лица е нотиран во 2011 година. Ако од 2011 започнеше да се решава овој проблем и досега ќе беше решен и немаше да зборуваме за неевидентирани лица во нашата држава“ рече Тренчевска.
Министерката објасни дека како Влада од 2018 година повотрно го актуелизираат прашањето за лицата без документи и дека по насока на Министерството за труд и социјална политика тим од сите релевантни чинители ги посетиле населбите за кои добиле информација дека постојат лица неевидентирани во Матична Книга на Родени и за истите се пополниле прашалници со цел да се изработи посебен електронски регистар каде се внесени околу 700 неевидентирани лица.
„Утврдената состојба на терен наложи да се изгради едно преодно решение со кое што на оваа маргинализирана група ќе им се овозможи евидентираат во посебна матична книга на родени, заради добивање на Извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа заради остварување на право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување“ посочи Тренчевска.
На крајот од обраќањето министерката го искажа своето уверување за тоа дека со Измените на Законот за Матична евиденција ќе се пристапи кон решавање на деценискиот предизвик на Лицата неевидентирани во Матичната Книга на Родени и ќе им се овозможат еднакви права како и на останатите граѓани на Република Северна Македонија.