Денеска, (20.07.2023) во рамки на проектот на МВР - „Отворен кабинет“, со кој се опфатени сите Сектори за внатрешни работи низ државата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше во посета на СВР Битола, со цел низ непосредни средби со граѓаните, да ги слушне нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат.
Притоа, тој оствари средба со раководството на оваа организациона единица при МВР на којашто беше информиран за безбедносните состојби на подрачјето во надлежност на СВР Битола.
„При реализацијата на овој проект водени сме од премисата дека партнерството помеѓу полицијата и граѓаните започнува во заедницата и токму на тој начин сакаме да покажеме дека секој еден може да даде свој придонес во гарантирање на безбедноста на сите. Воедно, средбите со раководствата на секторите и одделенијата за внатрешни работи, како оваа што денеска ја имав со раководството на СВР Битола, се дополнителна можност заеднички да ги разгледаме резултатите од реализираните активности, но и да ги зацртаме претстојните приоритети”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите. Притоа, тој ги сподели податоците од брифингот со раководството на СВР Битола во однос на безбедносната состојба:
„Согласно презентираните податоци на средбата со раководството на Секторот, можам да констатирам дека вкупниот број на извршени кривични дела на подрачјето на СВР Битола во изминатите шест месеци, споредбено со истиот период лани, бележи намалување за 26%. Вкупната ефикасност на расчистување на кривичните дела изнесува 43%, што е за 8% повеќе од лани. Според статистичките податоци, најголем број на кривичните дела се во областа на класичниот криминал, а за поздравување е податокот што само во Битола имаме намалување на бројот на евидентирани кривични дела за 51%, а ефикасноста е 47%, додека на подрачјето на целиот Сектор за внатрешни работи, вклучувајќи ги и Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод, имаме намалување на кривичните дела за 30% со ефикасност во расчистувањето од 43%, што само говори дека соработката на полицијата и граѓаните е сѐ подобра, а тоа придонесува за зголемена безбедност на заедницата. Притоа, ако за тешките кражби е постигната ефикасност во расчистувањето за 39%, за кривичното дело „кражба“ ефикасноста е 67%, а за разбојништвата дури 140%. Зајакнати беа и контролите за недозволена трговија со дрога и оружје, па во првата половина од годината само на подрачјето на Битола поднесени се 36 кривични пријави против 48 сторители, што претставува зголемување за 67%, додека на подрачјето на целиот сектор зголемувањето е 3%. Во делот на сообраќајот вкупниот број на сообраќајни незгоди е во намалување за -9,7%, а во текот на средбата бев информиран и за успешно спроведените оперативни акции од локален и регионален карактер, како што се оние за откривање на кривични дела за противзаконско складирање на отпад, вршење јавен превоз без лиценца, криумчарење на стока и илегална миграција, нелегална сеча на дрва, кои директно влијаат на безбедноста на заедницата”, информираше Спасовски.
По средбите со граѓаните во рамки на „Отворен Кабинет”, министерот Спасовски ќе го посети и Граничниот премин Меџитлија, каде што ќе оствари средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи Југ, со цел брифирање за состојбите на овој граничен премин, за евидентираните податоци од полициските станици за надзор на државната граница, полициските станици за гранични проверки, како и одделенијата и отсеците кои се во состав на РЦ за ГР Југ.