Груевски: Црвенковски може ќе каже дека ја набавил опремата за болниците ама народот памети

Премиерот Никола Груевски вели дека нема да биде изненаден доколку СДСМ пред јавноста излезе со тврдење дека додека таа била на власт била набавена медицинската опрема во болниците која што се набавува сега  и оти таа ја изградила фонтаната на Градскиот плоштад и ја финансирала изградбата на спортските сали.

Коментирајќи ја изјавата на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски дека актуелната Влада не гради за разлика од резултатите на претходната влада, премиерот Груевски денеска им порача на политичките опоненти дека народот не заборава во чие време се гради и оти за се има докази.

Во одговор на новинарско прашање при посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Груевски истакна дека по изјавата на Црвенковски бил збунет и изненаден, а потоа и малку комично расположен.

- Слушнав дека кажа оти тие ја изградиле обиколницата, а јас добро се сеќавам дека пред две години јас и министерот за транспорт ја отворивме завршената обиколница која ја градевме претходно. Слушнав и дека го изградиле патот Тетово - Скопје, но јас добро се сеќавам дека на крајот на 2000 или на почетокот на 2001 година таа беше пуштена во употреба свечено, рече Груевски.

Тој додаде оти му било уште посмешно кога слушнал дека СДСМ го изградиле автопатот „Александар Велики“ кој, како што појасни, во најголем дел е изграден од Јосип Броз Тито кога имало ударнички работни акции  и кога тој пат се викал „Братство и единство“.

- Сега гледам дека човекот излегол на сред пат пред еден знак и зборува дека тој ги изградил сите патишта во Македонија. Нема да бидам изненаден ако за некоја година излезе и каже дека целата медицинака опрема што ја набавуваме во болниците е купена во времето на СДСМ кога тој бил премиер или дека фонтаната на плоштадот е изградена од СДСМ или спортските сали што ги градиме се изградени од нив, укажа премиерот.

Според него, од СДСМ најверојатно се цврсто убедени оти по неколку години луѓето забораваат и не се сеќаваат кој што направил и што изградиле и оти на тој начин ќе ги соберат нивните гласови. Но, нагласи, од СДСМ воедно забораваат и дека има снимки кој го отворил патот, кој ја завршил обиколницата, но и дека луѓето се сеќаваат и без снимки. Но, тоа е СДСМ, тоа е Бранко Црвенковски, нагласи Груевски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на 14 наслови од владиниот проект за промоција на стручни книги на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.