Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска учестуваше на панел дискусијата насловена: „Економската цена за исклучување врз основа на сексуалната ориентација, родовиот идентитет и изразување и половите карактеристики на пазарот на трудот во Република Северна Македонија“, организирана од страна на Светска Банка, каде што учествуваа и претставници од Делегацијата на ЕУ во земјава, како и граѓанскиот сектор.
На панел дискусијата министерката потенцираше дека за Владата на Република Северна Македонија, почитувањето и унапредувањето на човековите права и слободи е приоритет и претставува главниот столб на кој се потпираат донесувањето на Закони и креирањето на политики. Како и дека министерството за труд и социјална политика е клучно министерство во полето на законодавството од областа на еднаквоста, недискриминацијата и еднаквите можности.
„Во насока на денешната панел дискусија, би истакнала дека, дискриминацијата на членовите на ЛГБТ+ заедницата не ги повредува само луѓето на индивидуално ниво туку има негативен ефект и на нивните семејства, заедницата и пошироко. А со тоа се предизвикува изложеност на општеството како целина на социјална и економска штета. Исклученоста од општеството, дискриминацијата, потиснувањето на капацитетите на еден поединец и обесхрабрувањето на неговата вредност и таленти негативно влијае врз целокупниот систем,“ истакна Тренчевска.
Таа повика на активно вклучување на овие лица в општеството доколку сакаме да постигнеме промени и оствариме напредок, со цел побезбедно и поинклузивно општество во кое човековите права на сите граѓани вклучително и на ЛГБТИ+ луѓето треба да бидат соодветно заштитени.
„Како ресорно министерство го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминација во кој за прв пат како заштитени основи за дискриминација се дефинирани сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Формиравме Национално координативно тело за недискриминација и еднаквост, со цел промовирање на концептот за недискриминација и еднакви можности како и следење на состојбите на ова поле во сите сфери на општественото живеење, а го подготвуваме и Законот за родова еднаквост,“ истакна Тренчевска.
Таа се осврна и на Предлог законот за родова еднаквост кој е креиран во насока на почитување на семејните вредности, за заштита на децата, и насочен е токму кон унапредување на положбата на жените. Притоа ги посочи антиродовото движење и манипулацијата на граѓаните преку ширење на ксенофобични пораки, како ретроградни практики и политики кои имаат за цел да ја обезвреднат различноста, еднаквоста и универзалноста на човековите права под изговор дека ЛГБТИ+ луѓето се закана за традиционалните вредности за семејството и општеството.
„Одлучно ќе продолжиме да работиме на остварување на стандардите за човекови права и унапредување на механизмите за заштита, на ефективно спроведување на политиките, со идеја да негуваме култура на почитување и еднаквост. Убавината на мозаикот ја прават различностите. Градиме општество кое се темели на еднаквост слобода и правда. Нашата цел е секој да се чувствува слободно во избор на својата ориентација, професија, остварување на својата визија. Општество кое ќе интегрира, а нема да дискриминира,“ порача Тренчевска.