Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за изменување на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.
Одлуката, предложена од Министерството за финансии, е во насока на допрецизирања околу примената на повластена стапка од 5% и за подршка на домашната економија и заштита на стандардот на граѓаните.
Согласно одлуката, со повластената стапка на ДДВ од 5% се даночат најголем дел од основните прехранбени производи. Меѓу нив се и производите како урдата, замрзнато тесто, бебешки каши и адаптирано млеко за доенчиња, одредени видови кашкавали како растителниот кашкавал, лутеница, хербални чаеви, бибер, црвен пипер, вафли и наполитанки, конзервирано цвекло, феферони, што со одлуката се прецизира дека се оданочуваат со повластената стапка на ДДВ од 5%.
На седницата е потенцирано дека целата човечка исхрана се оданочува со повластена стапка на ДДВ, а најголем дел од човечката исхрана се оданочува со најниска повластена стапка од 5%.
Денешната владина одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а е предвидено да се применува од 13 октомври 2023 година.
Владата на денешната седница го разгледа и прифати Извештајот за завршени преговори и склучување на Договорот за взаемно признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија, го разгледа и прифати усогласениот текст на Договорот.
По успешно завршените преговори за склучување на Договорот за взаемно признавање на професионалните квалификации за доктори, стоматолози и архитекти од минатогодишниот Самит на Берлинскиот процес, работните групи го продолжија заокружувањето на Директивата на ЕУ 2005/36/ЕЗ за останатите четири регулирани професии.
Договорот за взаемно признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во контекст на Договорот за слободна трговска соработка на Централна Европа се заснова на принципот на автоматско признавање согласно Директивата на ЕУ 2005/36/ЕЗ за признавање на професионални квалификации и е во насока на постигнување успешна и целосна имплементација на одредбите за внатрешен пазар на ЕУ, во рамките на сите шест земји од Западен Балкан. Дел од иницијативата за формирање на Регионален Економски Пазар 2021-2024, согласно заклучоците од Самитот на лидерите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во Софија (2020 година).