Ковачевски: Расте интересот за осигурувањето за поголема сигурност кај граѓаните и компаниите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод одбележување на Националниот ден на осигурувањето - 1 Ноември, во организација на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

 
Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Ковачевски:

„На почеток, сакам да упатам срдечни честитки по повод 1 ноември, Национален ден на осигурувањето и честитки до Агенцијата за супервизија на осигурувањето, регулаторот на осигурителниот пазар, по повод нивната 14 годишнина од постоењето која се одбележува токму на овој ден.

Овде денеска зборуваме за значењето на осигурувањето, но и за значењето на актуарската професија, за која како што гледам, има не само голем интерес, туку и огромен потенцијал кај овие млади луѓе кои се надевам својата иднина ја гледаат токму во актуарството.

Денот на Осигурувањето нека биде поттик за силна порака до сите чинители дека овој финансиски инструмент опстојувал и ќе продолжи да опстојува како силна гаранција и двигател за стимулирање на економскиот и инвестицискиот развој и сигурност.

Осигурувањето е важно средство кое обезбедува сигурност при решавање на разните предизвици со кои се среќаваме, при совладување на последиците од климатските непогоди, покривање на потребите за школување, потреба од здравствените услуги и стандарди или обезбедување на спокојни пензионерски денови.

Охрабрува фактот што во нашата држава расте интересот за осигурување, а според бројките најголем е интересот за каско осигурувањето, како и за приватното здравствено осигурување, но и за другите видови. Најновите трендови препорачуваат осигурување од одговорност согласно дејноста, но и се наметнува потребата од справување со современите предизвици, како што се ризиците од сајбер нападите.  

Од друга страна, расте и исплатата од осигурителните компании по разни основи.

Само за илустрација, според прелиминарните податоци, во споредба со месец август од минатата година, осигурениците наплатиле 22% повеќе односно 57 милиони денари или над 930 илјади евра. Голем дел од исплатата, се однесува на медицински трошоци.

Додека, сопствениците на моторни возила, од штетите покриени со каско осигурување наплатиле над еден милиони евра. Обештетување од 100.000 евра добиле повеќе од 500 лица и тоа во доменот на патничко осигурување.

Сето ова е показател дека расте и свеста кај граѓаните за значењето и за придобивките од осигурувањето и бенефитите кои тоа ги носи.

Со поставувањето на регулативата, даночните олеснувања, формирањето на Агенцијата за супервизија на осигурување, создавањето услови за конкурентност на овој пазар, државата ги постави основите на осигурителната дејност, кои континуирано ќе се надоградуваат и преку подготовка на ново законско решение кое наскоро ќе се најде во Собранието пред пратениците.

Развивањето на свеста за обезбедување сигурност преку договорите за осигурување е дел и од политиката на ЕУ. Во таа насока, секоја заложба во овој правец е со цел обезбедување економска стабилност, сигурност и благосостојба на граѓаните и компаниите.

Сметам дека е навистина од големо значење тоа што денеска зборуваме за тоа како растот на осигурувањето да го трансформираме во долгорочен развој бидејќи само така ќе ги промовираме потенцијалите на оваа област, но и ќе ги презентираме можностите пред овие млади луѓе кои денес се тука со нас. Токму тие и нивната неисцрпна енергија се носителите на нашиот развој и носителите на нашата иднина.

Многу пати досега и кога сум посетувал разни компании, но и кога сум посетувал индустриски капацитети, сум истакнувал дека нашата иднина, европската иднина на нашата земја мора да ја обезбедиме, пред сè за младите. Затоа, ги поздравувам напорите на денешните организатори на овој настан на едно место да ги поканат сите релевантни учесници кои денеска ќе зборуваат на една важна тема како што е осигурувањето со цел што поскоро да ги примениме ЕУ директивите во оваа област во целост. И во таа насока, се истакнува и носењето на новиот Закон за осигурување кој треба да ја приближи осигурителната индустрија кон европските стандарди и работа по правила содржани во ЕУ директивите кои ја регулираат оваа област.

Европската иднина е пред нас и преку оваа индустрија. Тоа пред два дена јасно и гласно ни го порача претседателката на Европската комисија, која при нејзината посета порача дека ние заслужуваме да станеме дел од Европската Унија.
 
Затоа, уште еднаш од овде сакам да порачам дека членството во ЕУ се базира на концептот на заслуги. Северна Македонија заслужува да биде дел од ЕУ, а сите ние заслужуваме да бидеме европски граѓани, овде дома тука во нашата држава. Да живееме европски и да се однесуваме европски. Нашите млади луѓе, нашите деца и сите наши граѓани го очекуваат тоа од нас.

Уште еднаш сакам да упатам честитки по повод Националниот ден на осигурувањето и честитки и до сите 14 студенти математичари од Природно-математичкиот факултет кои се наградени со стипендии од домашните осигурителни компании. Воедно, сакам да му честитам и на младиот научник Антонио Крстаноски, студент на катедрата за осигурување на Факултетот во Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола за неговиот награден научно-истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување за кој Агенцијата за супервизија на осигурување, традиционално низ годините доделува награда.

На сите ви посакувам успеси во совладување на претстојните предизвици во областа која, се надевам, ќе ви биде животен повик - осигурувањето.  
 
Благодарам и честитки за јубилејот и голема благодарност до организаторите на настанот“.