Домот „11 Октомври“ доби нова фасада

Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ доби нов лик. Реновирана е фасадата со средства собрани на хуманитарниот концерт што се одржа на 30 декември лани во организација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Граѓаните со телефонски јавувања донираа 6.000 евра.  

Реновираната фасада и одбележувањето на Меѓународниот ден на одговорно татковство денеска повод за посета на Домот од страна на министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ Ратко Капушевски.

Министерот Ристовски истакна дека Домот се реновира континуирано и оти ќе се продолжи и во иднина со цел да се адаптира соодветно на потребите на децата. - Ова е една од клучните институции која има исклучителна улога во правилниот раст и развој на овие деца кои не по своја вина се останати без родители и родителски грижа, истакна Ристовски повикувајќи на поголема општествена одговорност.

Најави дека Домот ќе добие и Спортска сала која ќе се реализира заедно со Агенцијата за млади и спорт, а наменета за штитениците од Домот, како и можноста  договорена со турска делегација 10 деца од Домот да заминат на летување во Турција, а едно да добие стипендија за „Јахја Кемал“.

Поддршката на Домот ќе продолжи и од страна на СЦ „Борис Трајковски“, најави директорот, кој истакна дека летово сите штитеници ќе одат на пливање и ватерполо, со цел да се развие нивниот дух, а да биде и прилог и поддршка еден ден да имаат можност да работат како спасители во одредени јавни објекти, базени, спортски комплекси.

Тој потенцира дека во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се веќе ангажирани штитеници од овој дом и оти тие максимално се вложуваат во одржување на неговиот изглед. Аплираше до сите институции и компании кои можат да дадат помош да го направат тоа на каков било начин за подобрување на условите за живот на децата.  

Покрај фасадата уреден е и дворот на Домот „11 Октомври„ со помош и поддршка од Британската бизни група. Ричардс Брајан потенцира на општествената одговорност на сите компании со цел во иднина да им се помогне на овие деца да најдат работа и место за живеење. 

Со помош на донации реновирани се и направени девет кујни, кои како што истакна директорката Ристанка Аанасовска овозможуваат децата да имаат оброј во помала семејна атмосфера.

Во моментов во Домот се згрижени 56 деца на возраст од 3 до 18 години.