Груевски во посета на Русија - очекува продлабочување на економската соработка

Премиерот Никола Груевски и поголема владина делегација следнава недела ќе престојува во Руската Федерација, каде во четири града - Москва, Владимир, Нижњиј Новогород и Санкт Петерсбург ќе ги претстават можностите за инвестирање во Македонија.

Ова го најавува во интервју за руската агенција Итар-Тасс премиерот Никола Груевски во кое наведува дека посетата ќе претставува одлична можност да се претстават економските и инвестициските потенцијали на македонската економија пред руските стопанственици. Верувам, истакнува, дека настаните ќе бидат искористени и за остварување директни средби со руски компании на кои ќе разговараме за можностите за конкретни инвестиции во Македонија.

Истакнувајќи дека Макеоднија и Русија имаат традиционално добри пријателски врски, вели дека одличните политички и општествени односи треба да се развиваат и на економски план,  каде веќе има соработка, но може уште повеќе да се унапреди и интензивира. Додава дека постојат многу можности и потенцијали односите меѓу двете земји во иднина да продолжат да се продлабочуваат во сите сектори и посочува дека значајно е остварување поконкретна соработка во областа на енергетиката.

- За нас е значајно доколку би можеле да оствариме поконкретна соработка со Русија во енергетиката. Знаеме што значи Русија во енергетиката, во технологијата и во кадарот кој е оспособен за вакви области. Тука многу би значела проширенета соработка, имајќи предвид дека веќе нашите две земји постигнаа начелен договор со кој би се регулирал клириншкиот долг кој Руската Федерација го има кон нас уште од времето кога бевме член на поранешна Југославија, што значи дека тоа порамнување би можело да се ефектуира преку изградба на гасовод на приоритетниот магистрален правец Клечовце - Штип - Неготино - ТЕЦ Неготино –Кавадарци, кој е главна гасоводна артерија во нашата земја. За оваа тема, за време на посетата ќе биде потпишан и меморандум за соработка помеѓу нашата гасоводна компанија и руски Стројтрансгас, кој дава можност за продлабочување на соработката и напредок во процесите, истакнува премиерот.

Тој потенцира дека има повеќе области кои се интересни за инвестирање од странските компании, како природни потенцијали во доменот на земјоделството и производството на храна, наоѓалиштата на минерални суровини, производството на вино, како и туризмот. - Постојат огромни потенцијали за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Русија, како на меѓудржавно ниво кое е доста значајно и по обем и по квалификации, така и во доменот на приватните инвестиции кои се особено битни и за нашиот развој и за оплодувањето на капиталот на рускиот приватен сектор, вели Груевски и додава дека инвеститорите во Македонија ќе наидат на стабилно и предвидливо опкружување, ниски даноци, низок долг, стабилен банкарски систем..., што се аргументи кои би предизвикале интерес кај руските инвеститорите да ја разгледаат Македонија како следна дестинација за проширување на својот бизнис.

Тој порачува дека инвеститори кои имаат намера или пак ќе се одлучат да реализираат бизнис во Македонија ќе наидат и на пријателски ориентирана влада која има разбирање за нивните потреби и која ќе биде значаен партнер во создавањето на атмосфера за квалитетно водење бизнис.

Премиерот очекува односите меѓу двете земји да добијат нов квалитет и уште поголема динамика и значење.