Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, вечерва, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека за прв пат по 17 години во земјава ќе се одржат редовни парламентарни избори.
„Прво, јас зборував дека ќе има редовни избори. И ќе има редовни, прво претседателски потоа парламентарни. Уште стојам на таа изјава, со оглед на тоа дека опозицијата од првиот ден кога станав претседател на оваа Влада зборуваше дека ќе има предвремени избори. И ќе има редовни избори, после 17 години во државата“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека граѓаните заслужуваат да се одржат редовни избори во редовни термини.
„Оваа година имаме во иста година и парламентарни и претседателски избори. Со оглед на тоа дека јасно ни кажуваат граѓаните дека не сакаат чести избори, дека тоа секогаш им беше наметнувано од политичарите. Второ, од финансиски аспект, одвоени избори чинат 16 милиони евра, но ако вториот круг на претседателските избори е во исти ден со парламентарните избори се заштедуваат четири милиони евра, тие можат да бидат искористени за други потреби на граѓаните“, појасни премиерот Ковачевски.
Притоа, премиерот рече дека повикал на широка дискусија помеѓу партиите, бидејќи, како што нагласи, „секој треба да го каже своето мислење“.
„Речиси едногласно со неколку помали исклучоци сите беа да имаме избори на 24 април и 8 мај и да бидат, се разбира, редовни. Се разговараше и за изборниот закон за којшто, исто така, веќе се имплементирани препораките на ОБСЕ – ОДИХР и е договорено да биде доставен делот до координаторите на пратеничките групи коишто ќе ги предложи Собранието на следната седница за да биде и тоа изгласано во рок од шест месеци до изборите“, изјави премиерот Ковачевски во вечерашното интервју за „360 степени“ кое се емитуваше на МРТ1.