Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлогот за закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.
Со измените и дополнувањата на Законот за рестриктивни мерки, во законското решение се додава дека целите на овој закон, покрај обезбедување меѓународен мир, безбедност, демократија, владеење на право, се и борбата против корупцијата, злоупотребата на службената должност, како и хибридни закани врз државата.
Со измените и дополнувањата на Законот, според образложеното од предлагачот, Министерството за надворешни работи, се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство - во основите што овозможуваат користење рестриктивни мерки. Со постоечкото законско решение, Република Северна Македонија постигна стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, во однос на одлуките на Европската Унија за рестрикции - и актуелното законско решение овозможува користење рестриктивни мерки врз три основи: задолжителни резолуции на Советот за безбедност на ОН, правни акти на ЕУ и другите меѓународни организации, во коишто државата е членка, како и по барања/правни акти на други држави, поврзани само за пролиферација на оружје и тероризам. На овие основи сега се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство.
Се предлага и проширување на инструментите, односно додавање две привремени мерки за обезбедување: суспендирање од јавна функција, односно неможност за учество за кандидирање за јавна функција и неможност за учество во јавни набавки, односно аранжмани со државата, во коишто се вклучени државните фондови, пришто се дефинира и процедурата. Ќе следуваат, доколку е потребно и адаптирања на други закони согласно ова законско решение.
Исто така, ако постоечкото законско решение, како рестриктивни мерки предвидува: ембарго, забрана за влез, финансиски мерки, со измените и дополнувањата се додаваат две предвремени мерки за обезбедување. Односно, по добиена информација дека има одреден правен акт од САД, од Обединето Кралство, или од ЕУ – МНР, МВР, Јавното обвинителство и други агенции за национална безбедност и финансиско разузнавање, имаат можност за предложат до Владата рестриктивни мерки. По донесувањето на рестриктивната мерка, предвидено е Владата да го задолжи предлагачот, да ги собере и да ги пренесе и достави до Јавното обвинителство, сите информации и материјални и нематеријални факти коишто може да ги обезбеди. Според предложеното во измените и дополнувањата на законот, Јавното обвинителство е должно веднаш да отвори процедура, согласно Законот за кривична постапка, односно согласно роковите и процедурите коишто ги предвидува Законот за кривична постапка – но, согласно предлог измените и дополнувањата што денеска ги утврди Владата, јавниот обвинител е должен до судот да побара веднаш привремени мерки за обезбедување.
Владата на денешната седница го разгледа барањето на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓанија (УПОЗ) во врска со состојбите во Фондот за здравствено осигурување. Одлучено е да се поништи препораката до Управниот одбор на ФЗО од 9 јануари 2024 година и е донесена нова препорака којашто се однесува на сегашната вредност на бодот за пресметка на плати, со важност од 1 јануари 2024 година до 31 мај 2024 година.
Владата донесе и Решение за формирање Комисија за следење на примената и толкување на одредбите на Општиот колективен договор за јавниот сектор. Со Решението, формирана е Комисијата, со претставници на Владата на Република Северна Македонија и на Сојузот на синдикатите на Македонија. Комисијата, како што образложи заменик министерката за труд и социјална политика, ќе разгледува прашања покренати од работници, што се однесуваат на нивни работнички права, согласно Општиот колективен договор.
На денешната седница, Владата, на предлог на Министерството за образование и наука, ја донесе Програмата за изменување на Програмата за изградба и реконструкција на основни училишта за 2024 година.
Со измените, преку внатрешна прераспределба на буџетски средства наменети за образованието, зголемени се средствата за изградба и реконструкција на основни училишта за 2024 година: од 145.000.000,00 на 226.500.000,00 денари и од 250.000.000,00 на 267.000.000,00 денари. Станува збор за средства за изградба нови училишни објекти, или доградби на објекти во повеќе општини низ државата, како: Прилеп, Куманово, Велес, Шипковица, Дебарца, Чашка, Лозово, Кавадарци, Кратово, Липково, Македонски Брод, Крива Паланка, Пласница, Желино, Могила, Богданци, Маврово и Ростуше, Арачиново, Свети Николе, Гостивар, Карбинци, Радовиш, Гевгелија, Арачиново, Струга, Тетово, Неготино, Росоман, Боговиње, Виница, Кочани, Кривогаштани, Чучер, Сандево, Босилово, Кичево, Демир Капија, Бутел, Чаир, Центар во Скопје и во други општини низ државата.
Владата го разледа известувањето од МВР дека еднострано, со потпис само од министерот за внатрешни работи, се донесени три наредби за кадровски поместувања/разрешувања, без рамноправно одобрување и потпишување и од дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, како што предвидуваат правните акти. Согласно тоа, Владата донесе одлуки за поништување на едностраните наредби донесени од министерот за внатрешни работи.
Владата ја разгледа и ја усвои и Информацијата од Министерството за култура, за изработката на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство и го усвои Извештајот, заедно со ревидиран Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион (2023-2030).
Задолжена е министерката за култура, како претседателка на Националната комисија на УНЕСКО на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за туризам и животна средина и Министерството за економија, култура и иновации на Република Албанија, да го достави Извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО.
Извештајот, како што информираше ресорното министерство, е подготвен врз основа на доставените релевантни информации од владините органи, ресорните институции и организации, локалната самоуправа и останатите засегнати страни, што се однесуваат на реализираните, тековните и планираните активности во насока на заштитата на прекуграничното светско природно и културно наследство на Охридскиот регион и исполнувањето на препораките на мисиите на УНЕСКО.
Владата, на предлог на Министерството за локална самоуправа, ја усвои Информацијата за потпишување Билатерален договор помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија за ИПА 3 програмата за прекугранична соработка (2021 – 2027) и го овласти министерот за локална самоуправа да го потпише Договорот. Целта на ИПА 3 прекуграничната програма е подобрени можности за вработување и социјални права и подобрена деловна средина и конкурентност помеѓу општини во двете држави.
Во делот за кадровки прашања, Владата одлучи да го разреши Бојан Лазаревски од должноста в.д. директор на Агенцијата за филм и за директор на Агенцијата за филм да го именува, Владимир Ангелов. Исто така, Владата одлучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје да ја отповика Бујаре Абази, од должноста член на Управниот одбор – која носи назив генерален директор, а за член на Управниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје да го избере Идри Истрефи. На денешната седница разрешен е и Газменд Абдија од должноста в.д. директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија.