Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во изјава за МИА зборуваше и за дезинформациите поврзани за наводен атентат врз премиерот на Косово при последната посета на земјава.
„По основ на меѓународните обврски кои ги има премиерот на Косово, има обврска на покана на невладина организација да учествува на конференцијата на социјалистичките партии која се одржуваше во Скопје. Секако учествуваше на тој настан, но беше чуден фактот што по враќањето во Приштина, прво од државната ТВ РТК се произнесе информација првично дека му бил подготвен атентат да се изврши во Република Северна Македонија. Работа која ја слушнавме во медиумите, за којашто секако како институции реагиравме соодветно и произлезе дека тоа се базира на некои медиумски изјави, ФБ изјави на лица додека престојувале во Њујорк, во Советот за Безбедност и во крајна инстанца, моја оцена е дека со таа изјава и со таа објава е направена поголема штета за самата косовска агенција за информирање, којашто фактички поради комуникацијата, значи имало соодветна комуникација и нашите институции не потврдуваат таква можност и активност насочена кон премиер на држава, односно учесник во настанот. Секако, пак кажувам, моја констатација е дека штета е направена на самите институции на Република Косово, затоа што во иднина, кој друг би се впуштал да има размена на информации, ако тие информации после преку средствата за јавно информирање се пласираат како што се пласираат, а методологијата на комуникација на тие институции е соодветна, пропишана со соодветни закони, излегува надвор од она што е редовност во комуникацијата и во размената на информации. Штетата е сепак поголема врз институциите на Република Косово, отколку што е направена штета кон нас. Ние сме сите соодветно информирани за сите текови во однос на случувањата кои се организираат на наша територија и институциите соодветно си ги имаат преземено сите мерки. Фактот дека има зголемени мерки на безбедност, нашите институции навремено ја известија јавноста дека дента и претходно во Скопје и пошироко ќе има посебен режим на комуникација и движење во Скопје и граѓаните беа информирани навреме, за да имаат соодветна информација и да ги почитуваат соодветно упатствата на службените лица и во тој контекст, мислам дека од наша страна било преземено сѐ, а во суштина никој не потврдува дека имало такви индиции. Тоа било базирано на написите на ФБ. Но, пак кажувам, штетата е поголема за самите институции на Косово, за кои треба да размислат другите партнерски институции како и на кој начин ќе комуницираат во иднина“, смета премиерот Џафери.
На прашањето, дали земјава беше злоупотребена за внатрешни политички пресметки во Косово, премиерот Џафери посочи дека нема да навлегува во таа анализа.
„Не би сакал да навлегувам во таа анализа. Несоодветно би било како премиер да навлезам со коментар во таа анализа. Има други кои ги прават анализите од тој контекст. За мене е битно како премиер што веднаш бев информиран и претходно запознаен со активностите кои ќе се случат на територијата на државата и соодветно има реакција и демант од надлежните институции зад кој демант и стојам, затоа што е и потврдено дека она што го кажа институцијата е така“, изјави премиерот Џафери.