Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на работната посета на Република Албанија, се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На средбата присуствуваа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.
Премиерот Џафери ја истакна поддршката на Владата и силната определеност и посветеност кон територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународни признаени граници. Притоа, потенцираше дека на билатерална основа, но и во рамките на НАТО, целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и со приклучувањето кон Декларацијата на земјите од Г7 за безбедносни гаранции за Украина, Северна Македонија од почетокот на руската воена агресија, манифестира континуитет во својата позиција и ќе продолжи сè додека е тоа потребно.
Премиерот Џафери, нагласи дека чувствува посебна, лична одговорност и обврска, по добиенот Орден на Принцот „Јарослав Мудриот“ од претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук во 2022 година, да продолжи активно да дава личен придонес во зајакнувањето на меѓудржавната соработка и во поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина.
Претседателот Зеленски изрази длабока благодарност до Владата и граѓаните на Северна Македонија за силната и сеопфатна поддршка, пред сѐ политичка и воена на земјата, како и за приемот на украински бегалци. Потенцираше дека Украина посебно цени што Северна Македонија се приклучи кон Бучанската Декларација за повикување на одговорност за најтешките воени злосторства извршени на територијата на Украина.
Премиерот Џафери и претседателот Зеленски, по средбата, потпишаа „Заедничка Изјава на Република Северна Македонија и Украина за евроатлантските интеграции на Украина.
Во Изјавата заеднички се осудени злосторствата од вооружените сили на Руската Федерација врз цивилно население и цивилна инфраструктура на Украина, вклучително и енергетски објекти, училишта, болници и станбени згради, коишто се заштитени со меѓународното хуманитарно право.
Нагласена е потребата за итно и целосно повлекување на сите трупи и вооружени формации на Руската Федерација од суверената територија на Украина, во рамките на нејзините меѓународно признаени граници од 1991 година. Посочено е и на важноста од истрага за воените злосторства на територијата на Украина, во согласност со меѓународното право.
Во однос на евроатлантските перспективи, во Изјавата е истакнат значителниот придонес на Украина за безбедноста на евроатлантската област, особено украинските напори да одвратат на неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Руската Федерација. Во таа насока, посебно е нагласен заедничкиот став за потребата од дополнително зајакнување на консолидираниот капацитет на евроатлантската заедница, со цел ефикасно спротивставување на постојните и на потенцијалните глобални предизвици и безбедносни закани.
Потенцирани се и заедничките напори да се обезбеди натамошен напредок кон имплементацијата на стандардите на ЕУ и НАТО, со цел членство на Украина во Европската Унија и во Северноатлантската алијанса. Потенцирана е и меѓусебната поддршка за време на процесот на пристапните преговори на Украина и Северна Македонија за членство во Европската Унија.