Груевски: Позитивни реакции од Русија за енергетска поддршка на Македонија

Премиерот Никола Груевски  денеска по повеќедневната посета на Руската Федерација, во рамки на која се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и посети четири области каде пред претставници на повеќе од 230 компании ги презентира можностите за инвестирање во Македонија, посочи дека на средбите биле изразени позитивни реакции за енергетска поддршка на Република Македонија.

- Од претседателот на руската нафтена компанија „Газпром“ и неговите соработници ни беше соопштено дека тие го имаат подготвено нацрт-договор за приклучување на Македонија кон проектот „Јужен поток“. Во текот на следниот месец преку руското Министерство за енергетика ќе биде доставен на разгледување во Владата на Руската Федерација по што ќе ни биде предаден Нацрт-договор за потпишување, рече премиерот Груевски денеска во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, каде присуствуваше на почетокот на реконструкцијата.

Нивниот план, како што рече, е градбата на новиот гасоводен систем кој ќе поминува низ многу држави да започне во декември годинава во Русија во деловите каде ќе бидат изворите на гас и постепено до крајот на 2015 година да го завршат комплетно.

- На почетокот Македонија не беше планирана да стане дел од овој гасовод, но со многу напори кои ги преземавме во овој период и многу разговори кои ги имавме Републикава е ставена како негов дел. Тоа е добро затоа што на долг рок ќе биде обезбедена енергетската сигурност и стабилност на државата, истакна Груевски.

Премиерот изрази очекување дека со руската компанија „Стројтрансгас“ до крајот на септември ќе се потпише договорот за изградба на внатрешна инфраструктура за гас. - Засега инфраструктура имаме од бугарска граница, преку Куманово до Скопје, меѓутоа во останатите делови на Македонија нема. Потврдено ни е дека до крајот на ова лето ќе биде потпишан договорот и веднаш потоа во првиот квартал од следната година да почне  градбата на инфраструктура за носење на гас во повеќе градови во Македонија, истакна Груевски.

Македонскиот премиер во Санкт Петербург на средбата со Вагит Алекперов, директор на руската компанија „Лукоил“ бил информиран дека Македонија ќе биде регионален центар на „Лукоил“ и ќе покрива вкупно четири држави. - Тоа ќе значи дополнителни нови вработувања и инвестиции од овој нов центар тука, додаде тој.

Груевски најави дека е можно во иднина да бидат посетени уште неколку области во Русија,  каде ќе бидат презентирани условите и можностите за правење бизнис во Македонија и на тој начин да се привлечат инвеститори своите бизнис планови да ги реализираат во Македонија, што ќе значи и отворање нови работни места.