Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на учеството на конференцијата „Меѓународен форум за жени, мир и безбедност“ во Приштина, оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу.
На почетокот од средбата, премиерот Џафери на претседателката Османи и се заблагодари за укажаното гостопримство и поканата за учество на конференцијата којашто е во организација на косовската претседателка.
Меѓу другото на средбата беше потенцирана заложбата на двете земји за развојот на билатералните односи, како и актуелните предизвици на регионален и мултилатерален план, а поврзани со безбедносната состојба и економскиот напредок на регионот и пошироко.
Во фокусот на разговорот беа севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово и можностите за нивно унапредување, во сите области од заемен интерес.
Премиерот Џафери, го реафирмираше ставот дека Северна Македонија во духот на добрососедството, дава поддршка на евроатланските аспирации на Косово, како и поддршка за активно приклучување на Косово во постојани форуми и регионални иницијативи.
Соговорниците разменија мислења за целосна интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во Европската Унија, потенцирајќи дека тоа значи сигурност, стабилност и севкупен напредок за сите граѓани. Во оваа насока, претседателот на Владата на Северна Македонија, Талат Џафери, истакна дека нашата држава, како земја-членка на НАТО и земја-кандидат за членство во ЕУ, е подготвена да ги стави стекнатите знаења и искуства на располагање на Косово.
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Талат Џафери, потенцираше дека Северна Македонија ги следи состојбите меѓу Приштина и Белград и го подржува дијалогот, истакнувајќи дека е потребна конструктивност од двете страни и дека Косово и Србија треба да ги исполнат преземените обврски од Брисел и Охрид.
Премиерот Џафери и претседателката Османи, заеднички констатираа дека мирното решавање на отворените прашања на Западниот Балкан треба да биде апсолутен императив за сите.