Министерката Канческа-Милевска во работна посета на Охрид

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојуваше во работна посета на Охрид, при што оствари средби со директорите односно раководителите на националните установи од областа на културата во градот.

Како што изјави Канческа-Милевска, на средбите било разговарано за програмските активности предвидени за реализација во текот на оваа година, како и за проекти од национален интерес чија реализација е предвидена за наредната 2013 година.

- Средбата имаше за цел за да се утврди што е поприоритетно, односно да се види што е она што е позначајно, како за Охрид така и за националните установи во градот, истакна министерката.

Меѓу активностите што ги спроведува Министерството за култура нагласен е проектот за санација односно реконструкција на приватни куќи во Охрид, проценети од надлежнте институции како објекти од особена историска и културна важност за градот. Еден од тие објекти е и куќата на семејството Бојаџиеви, чија реконструкција е во тек, со завршени прва и втора фаза, односно целосно обновени покрив и интериерот на горниот кат, додека останува во третата фаза да се заврши приземјето и фасадата на објектот.

- Станува збор за значаен споменик на културата, специфичен објект од 19 век кој го има задржано неговата автентичен изглед, според охридската староградска архитектура, рече Канческа-Милевска, притоа потсетувајќи дека такви активности ќе бидат спроведени и на неколку други објекти, како што е куќата на Ајри Доко чија целосна реконструкција е предвидена за идната година.

Министерката додаде дека за потребите на Националната установа – Библиотека „Григор Прличев“ Владата донела одлука за остапување дополнителен простор за потребите на библиотеката.

- Просторот е отстапен од страна на Јавното претпријате за стопанисување со деловен простор и во добра кондиција. Ние како Министерство тој простор целосно ќе го уредиме и истиот ќе биде ставен во функција за потребите на библитеката, односно за сместување на богатиот библиотечен фонд, рече министерката Канческа-Милевска.

Како проект во насока на развојот на културното живеење и потребите на Охрид, а ќе биде прифатен од ресорното Министерство за култура, се и активности за покривање на сцените на Долни Сарај и на Античкиот театар, според светски стандарди.

Канческа-Милевска во оваа прилика нагласи дека со донесувањето на Законот за Охрид, како и Законот за заштита на Старото градско јадро, строго ќе се води сметка за заштита на објектите во заштитената зона односно задржување на автентичноста и изгледот на тој дел од градот како национално културно богатство и историско наследство заштитено од УНЕСКО.