Министерот Ристовски ја испрати првата група дечиња на бесплатен одмор

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска од Меѓуградската автобуска станица во Скопје ја испрати првата група дечиња на бесплатен одмор во Струга. Со ова почна реализацијата на владината мерка за помош на децата од социјално загрозените семејства и корисници на постојан паричен додаток.

- Владата вети и исполни. Продолжуваме да ги задоволуваме потребите на оние на кои најмногу им треба помош и поддршка. Денеска видов премногу среќни детски лица, среќни семејства, родители на деца со посебни потреби кои задно со своите деца одат на одмор. Верувам дека во текот на целото лето ќе гледаме многу детски насмевки, среќа и задоволство, изјави Ристовски по заминувањето на автобусот.

Вкупно 3.000 деца е предвидено да заминат на одмор, од кои 2.000 во текот на летото и уште 1.000 во зима. Денеска замина првата група од 320 дечиња од различни краеви на Македонија. Ќе летуваат седум дена во Струга и Битола, во одморалиштата „Мајски цвет“ и „Пелистер“.

- На Пелистер одат главно оние дечиња кои имаат какви било белодробни нарушувања и потреба за подобрување на нивниот респираторен и воопшто здравствен систем, истакна министерот.

Владината мерка се спроведува со поддршка на Црвениот крст на Македонија од каде се испраќаат волонтери. Тие ќе им помагаат особено на децата со посебни потреби, но ќе се грижат и за останатите. Изготвена е посебна програма за анимација и ангажирање. Обезбедени се здравствени и спасувачки екипи.