Пуштена во употреба спортска сала во средното училиште „Гоце Стојчевски“ во Тетово

Министерството за образование и наука Ве известува дека денес, 01.07.2012 година, беше пуштена во употреба спортската сала во средното училиште „Гоце Стојчевски“ во Тетово. На свеченото отворање на салата присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, Министерот за образование и наука, Панче Кралев, заменик министерот за образование и наука, Сафет Незири и Градоначалникот на општина Тетово, Сали Беџети.

Вкупно 1002 запишани ученици во оваа учебна година, ќе можат да ја користат новата спортска сала со површина од 650 м2. За изградба на спортската сала потрошени се околу 24 милиони денари од буџетот на Република Македонија.

Во своето обраќање Министерот за образование и наука, Панче Кралев, изјави: „Со изградбата на оваа сала на учениците и наставниците им се овозможува адекватен простор за изведба на наставата по спорт и спортски активности, но исто така, истата ќе им биде достапна и на граѓаните на Тетово за спортување, изведба на разни културни манифестации и натпревари.“

Во досегашната реализација на проектот на Владата на Република Македонија – „Изградба на 145 училишни спортски сали“, започнати се вкупно 54 спортски сали, од кои 21 се завршени а останатите се во фаза на изградба. Од вкупниот број на завршени сали предвидени со проектот, во општина Тетово две се веќе пуштени во употреба, и тоа во средното училиште „Никола Штејн“, како и во средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“. Салите се изградени на површина од по 1300 м2  и вредноста за нивна изградба изнесуваше околу 40 милиони денари за секоја сала поединечно. Со овој проект, предвидена е изградба на уште 10 спортски сали во општина Тетово.

„Верувам дека новоизградената и целосно опремена спортска сала, ќе ги поттикне учениците и наставниците во средното училиште „Гоце Стојчевски“, како и жителите на Тетово да вежбаат, спортуваат, постигнуваат спортски успеси, но и да развиваат пријателства и натпреварувачки дух.“- истакна Министерот Кралев.

Министерството за образование и наука ќе продолжи и понатаму да инвестира во овој вид на проекти. Предвидено е до 2014 година да се завршат вкупно 30 спортски сали во средните и 70 во основните училишта. Понатаму, во 2014 година ќе се започнат уште 45 спортски сали. Исто така, ќе се инвестира во подобрување на условите во училиштата, односно предвидени се проекти со кои до 2014 година ќе бидат изведени 199 реконструкции на 132 средни и основни училишта во Република Македонија, со што ќе се подобрат условите за изведување на наставата.