Стипендии од МЕПСО, ЕЛЕМ и ЕВН за студенти на енергетските насоки од ФЕИТ

Дванаесет студенти од прва година на електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе имаат 10 месеци стипендија по 100 евра, обезбедена од МЕПСО, ЕЛЕМ или ЕВН.

Претставниците на енергетските компании денеска врачија по четири стипендии за најдобрите студенти од ФЕИТ кои ќе бидат стипендирани и до крајот на студиите ако ја задржат минималната просечна оценка од 7,5. Покрај тоа, ќе имаат и можност да се вработат во некоја од овие компании по дипломирањето.

Деканот на ФЕИТ Миле Станковски рече дека од пред две години, кога факултетот ја договорил соработката за стипендирање, значително се зголемува бројот на запишани студенти на насоките за енергетика, за кои претходно интересот бил многу слаб. Да се мотивираат матурантите да студираат енергетика било и повод за договорот со трите компании, што резултирало со 75 запишани во 2011/2012 наспроти 25 во претходната студиска година.  На ФЕИТ има седум студиски програми, од кои три се од областа на енергетиката.

- Со ова компаниите си ја обезбедуваат својата иднина со квалитетен кадар, во чие профилирање може да имаат директно влијание преку учество во селекција на изборните предмети и изведувањето пракса, студентски проекти, дипломски работи, а идните инженери ќе имаат можност за професионална кариера токму во овие компании, истакна Станковски.

Иницијативата ја поздрави министерот за образование и наука Панче Кралев кој рече дека компаниите што ја помагаат едукацијата на студентите се општествено одговорни.

- Ова одразува два правца за кои Министерството за образование и наука континуирано се залага - комуникација и соработка меѓу приватниот сектор и универзитетите и поддршка за техничките факултети кои генерираат кадар што сега е дефицитарен на пазарот на трудот, рече Кралев.

Деканот Станковски рече дека воспоставуваат соработка и со други компании, како „Џонсон мети“, со која е договорено студенти од ФЕИТ да посетуваат пракса еден до три месеци во лето или еден ден во неделата за време на учебната година. ФЕИТ, исто така, самиот ќе обезбеди стипендии за студенти кои освоиле прво место на државните  натпревари по математика, физика, информатика... или биле најдобри на натпреварите на Народна техника.