Царината презентира нов систем за постапки со економски ефект

Царинската управа го презентираше унапредениот електронски Систем за издавање одобренија за увоз за облагородување, односно Систем за постапки со економски ефект. 

Системот е чекор напред кон исполнување на најприоритетната определба на Владата на Република Македонија, а тоа е креирање подобра деловна средина за компаниите кои се клучен двигател на македонската економија.

- Една од првите определби на оваа Влада е да креира подобра средина за компаниите кои се клучен двигател за економијата на една земја. За таа цел веќе неколку години по ред носиме мерки кои би го подобриле функционирањето на стопанството, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески обраќајки се на презентацијата.

Тој додаде дека во изминатите години во услови на криза е зголемен бројот на граничните премини каде се спроведува целодневно 24/7 увозно и извозно царинење, укинати се административните такси за царинска декларација и издавање доказ за потекло ЕУР-1, како и надоместоците кои се плаќаат на инспекциските служби. Намалени се или укинати царинските стапки за некои репроматеријали, особено за чевларската и прехранбената индустрија. - Со имплементација на сите овие мерки се намалија трошоците, се забрза протокот на стоки и се зголеми конкурентноста на фирмите, рече Ставрески, кој додаде дека електронската размена и обработка на податоци, освен забрзување, овозможува и транспареност на спроведување на постапката, како и воспоставување на приципите на анализа на ризик и селективност при вршење контрола.

Царината во моментот има 40 електронски апликации од кои претпријатијата користат четири.

Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов потенцира дека Царината работи на олеснување и забрзување на царинската постапка и ги повика стопанствениците да го користат овој систем кој ќе им заштеди време и пари.

Системот за постапки со економски ефект е унапреден систем кој го користат значителен број македонски компании кои ги користат постапките со економски ефект. На денешната презентација беше демонстрирано како огромен сет хартиени документи од стотици страници кои сé досега, т.е до развивањето на овој систем беше потребно да се изработат и обработат, отсега се заменуваат само со еден документ.

Царинската управа најави дека во периодот што следува по регионалните царинарници ќе организира обуки за царинските службеници и за компаните - корисници на системот.