Министерството за здравство го објавува огласот за пријавување кандидати за полагање испит за директори на ЈЗУ

Министерството за здравство го објавува огласот за пријавување кандидати за полагање испит за директори на јавните здравствени установи. Тоа е реформа која ја најавивме со новиот Закон за здравствена заштита, истакна денеска на прес-конференција ресорниот министер Никола Тодоров.

Правилникот, посочи тој, е веќе даден во Службен весник за објавување и на тој начин сакаме да го почнеме овој процес за селектирање кандидати кои ќе бидат опфатени во делот на обуката и проверка на знаењата за полагање испит.

- Целиот процес се состои од слушање настава и полагање по четири модули. Првиот е модул за јавно здравје и здравствени информации, вториот, кој според мене, е најбитен, е здравствена економија и економика во здравство, третиот модул е здравствени системи и политики, а четвртиот е основи на менаџмент, деловна комуникација и управување со човечки ресурси. Огласот ќе трае 15 дена и во тој рок треба да се пријават сите оние кандидати кои сметаат дека имаат капацитет, волја и желба да бидат фокусирани на работа како одговорни лица во јавните здравствени установи, рече Тодоров. 

Целата едукација, укажа тој, ќе се базира на литература која е објавена како дел од проект „1000 стручни и научни книги од кои се учи на најдобрите универзитети во светот“.

Министерот изрази очекување дека сите кандидати кои ќе се пријават на овие модули ќе се стекнат со извонредно квалитетно знаење кое потоа ќе го пренесат во пракса и во реалното функционирање на ЈЗУ.

- Согласно Законот, право да се кандидираат за директори имаат оние лица кои покрај условите кои треба да се исполнуваат во Законот, треба да имаат и минимум три работно искуство за оперативни директори и пет години работно искуство за стручни директори. Оние кандидати кои ќе се пријават на огласот и успешно ќе ја поминат оваа едукација ќе треба да полагаат и стручен испит во делот на јавните набавки кој го организира Бирото за јавни набавки, нагласи Тодоров.

Истакна дека има и критериуми кои ги предвиделе во огласот според кои, ќе бидат селектирани 30 најдобри кандидати и во секоја група по секој оглас ќе има максимум 30 кандидати.

- Ова го правиме за да имаме група која ќе може да помине низ еден квалитетот процес на едукација која ќе ја вршат наши реномирани професори, ќе се работи во соработка со ЈЗУ, а сме во финална фаза за преговори со еден странски професор кој треба да држи еден од модулите. Полагањето на тестот е предвидено да биде електронски со прашања кои ќе бидат подготвени од експертите и професорите. За да се биде директор на една ЈЗУ покрај сериозен интегритет како личност, треба да се има сериозни професионални квалификации и знаење, додаде Тодоров.