Нема застој во изградбата на Филтер станицата во Гостивар

Нема застој во работите на новата филтерска станица и сé е според предвидената динамика. Дел од опремата е веќе набавен и до првата половина на идната година таа ќе биде во функција, рече Абдулаќим Адеми, министерот за животна средина и просторно планирање.

Министерот Адеми придружуван од соработниците и министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, го посетија градилиштето во Вруток, Гостиварско, на кое се гради објектот за филтерската станица.

- Изградба на овој капитален објект се одвива според динамичкиот план. Деновиве со изведувачот го потпишавме и анексот за третата фаза вреден околу тристотни илјади евра. која треба да финишира до крајот на октомври, рече минситерот Адеми по обиколката на објектот во Вруток.

Адеми нагласи дека решавањето на проблемот со водоснабдувањето на општина Гостивар е заложба на централната власт и дека во таа насока наскоро ќе се почнат и преговори со Амбасадата на Швајцарија  за проект со кој ќе се намалат загубите во водоснабдителниот систем.

Заради честите заматувања на водата во гостиварскиот водовод, лани, Министерството за животна средина и просторно планирање, почна проект вреден околу два милиона евра. Во филтерската станица е предвидено да монтираат микро фибер филтри преку кои ќе се обезбедува чиста вода за околу 65 илјади жители.

На новинарско прашање, до каде е решавањето на проблемот со регионална депонија во Полошко, Адеми одговори дека во текот на постапката е утврдено дека двете локации, за Русино и Речанска Краста не се расчистени имотно правните односи. - За да ја надминеме состојбата, попладнево е свикавме состанок на кој покрај претавници од Министерството, Регионалниот Еколошки Центар и градоначалниците од полошкиот регион ќе бара решение токму за овој проблем, изјави министерот Адеми.