Мицкоски: Се спроведе најсложена полициска акција против криминалните кланови со која се расветлуваат 7 брутални убиства во изминативе години

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вечерва гостуваше во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, каде што ги коментираше полициските акции кои се одвиваа изминативе неколку дена во државата, при што се уапсени десетици лица кои се товарат за повеќе тешки кривични дела.

Една од акциите на МВР која ја коментираше премиерот, е акцијата за криминални кланови која била со години присутна во државата, група која е поврзана со многу сторени криминални дела, меѓу кои и убиства.

Полициската акција против криминални структури кои што изминативе години, децении би рекол се присутни низ градовите во државава, односно станува збор за група која што има основани сомненија дека се поврзани со многу сторени криминални дела меѓу кои и убиства истакна премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека според информациите со кои располага, со оваа полициска акција расветлени се 7 убиства во Македонија.

Можам да кажам дека врз основа на доказите кои што се прибавени станува за најсложена полициска акција во историјата на Македонија и акција која што ќе обелодени и ќе разјасни убиства кои што се случени изминатите години. До овој момент јас располагам со информација дека се расветлени 7 убиства сторени од оваа група, одговори премиерот Мицкоски.