Мицкоски открива: Екс директорот на „Лотарија“ подолго време е надвор од државата, а Груби заедно со уште едно лице со дипломатски таблици оди за Косово, потврди дека во истрагата е вклучен и екс премиер

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 открива дека екс директорот на „Лотарија на Македонија“ како и поранешниот потпретседател на Владата Артан Груби кои се дел од поголема истрага којашто се води за злоупотреби во Државната Лотарија не се достапни на органите на прогонот, но според информациите со кои располага тој, екс директорот на „Лотарија“ подолго време не е во државата, додека Груби со уште едно лице стопанственик, во возило со дипломатски таблици ја има напуштено Македонија преку граничниот премин со Косово.

Вие ме прашувате за поранешниот потпретседател на Владата и директорот на „Лотарија на Македонија“, но не се сами тие таму, тоа е поширока група на осомничени за кои што постои основано сомнение дека сториле кривични дела.

Мојата последна информација е дека подолго време поранешниот прв човек на „Лотарија на Македонија“ не се наоѓа на територијата на нашава земја, а дека поранешниот потпретседател на Владата, заедно со уште едно лице стопанственик во возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија, и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово. Тоа е последното со кое јас располагам како информација, вели премиерот Мицкоски.

На прашањето дека кружат информации дека Груби не е во Косово, туку во Тирана, претседателот на Владата Мицкоски рече:

„Јас кажав како ја напуштил државата, на кој граничен премин, и каде се упатил. Но, од таму понатаму како патува, не би можел да кажам.“